И по 30 години земјава без акредитирана лабораторија за извоз на семе


Земјава е единствена во Европа, а можеби и во светот која не може да провери квалитет на семе со поминат рок и која, и по три децении, сé уште нема акредитирана лабораторија за издавање документи за извоз на семе.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Сојузот на стопански комори (ССК), Закон за семе и саден материјал постои уште од 2006 година, но целосно е парализиран. Иако бил еден од најдобрите, сменет е многу пати, обременет е со 150 контрадикторни правилници, а предвидува и високи казни, 8.000 евра за физички и 50.000 евра за правни лица.

„По изборите чекаме да ни се дозволи тука, кај нас, да пакуваме семе, наместо тоа да го правиме во соседните земји. Некој во законските измени заборавил да го стави овој член, но не ги заборавил казните. Сега, пред избори, поддршка имаме и од власта и од опозицијата, па ќе видиме“, рече претседателот на Агро бизнис комората при ССК, Огнен Оровчанец.

Според него, побарувачката за македонско семе само од Косово е 1.500 – 2.000 тони, но извозот поради немањето акредитирана лабораторија, не може да се реализира. Минатата година тоа се правело со специјални дозволи кои компаниите ги обезбедувале од министерства од соседните земји.

„Нашето Министерство за земјоделство треба да склучи меѓународни договори со некоја од акредитираните лаборатории во соседните земји за да не вадиме специјални дозволи. Всушност, бараме само услови за да работиме. Ако тоа се реши, што е банална работа, подготвени сме веднаш да извезуваме, покрај постојните 72, уште дополнителни пет до шест видови семе“, истакна Оровчанец.