И Орце Камчев ставен на црната листа на САД заради корупција и перење пари
Камчев ја злоупотребил својата позиција со коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Македонија

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) го стави Јордан „Орце“ Камчев на црната листа, соопштија оттаму.
„Денешната одлука ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите Држави за промовирање на одговорност за поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување“, се вели во соопштението.
Бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев интензивно се вклучил во корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти. Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во случајот „Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси, објаснуваат во своето соопштение од американското министерство за финансии.
Дополнително, велат оттаму, Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година, главниот обвинител на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинет за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главниот обвинител и другите, тврдејќи дека го изнудувале. Граѓанскиот суд во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета.
„После скандалот СЈО пропадна. Како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше остануваат во стагнација и нерешени, одложувајќи ја одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев. Денеска, OFAC (OFAC Sanctions List Search) го одреди Камчев согласно Е.О. 14033 за соучесник или директна или индиректна мешаност во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучително и корупција од, во име или на друг начин поврзан со влада на Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер на кое било ниво на влада во Западен Балкан, како што е злоупотреба на јавниот имот, експропријација на приватни средства за лична корист или политички цели или поткуп“, истакнуваат оттаму.
Како резултат на денешната акција, целиот имот и интереси во имотот на назначеното лице опишано погоре што се во Соединетите Држави или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани и мора да се пријават на OFAC. Дополнително, блокирани се и сите субјекти кои се во сопственост, директно или индиректно, поединечно или збирно, 50 проценти или повеќе од едно или повеќе блокирани лица.
Сите трансакции на лица од САД во (или кои транзитираат) во Соединетите Американски Држави кои вклучуваат каков било имот или интереси во сопственост на назначени или на друг начин блокирани лица се забранети освен ако не се овластени со општа или специфична лиценца издадена од OFAC или не се изземени. Забраните вклучуваат давање каков било придонес или обезбедување на средства, стоки или услуги од, до или во корист на кое било блокирано лице, или примање каков било придонес или обезбедување на средства, стоки или услуги од кое било такво лице.
Дополнително, финансиските институции и други лица кои се вклучени во одредени трансакции или активности со санкционираниот поединец може да се изложат на санкции или да бидат предмет на извршно дејствие, додаваат од американското министерство.
Веднаш откако беше објавено соопштението од САД се огласи и амбасадорката Анџела Агелер со твит во кој вели:
„Денеска Министерството за финансии го назначи на црната листа бизнисменот Јордан ‘Орце’ Камчев за корупција, поткуп, перење пари и други кривични дела.
Овие санкции не влијаат само врз поседувањата и имотот на г-дин Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него. САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои што го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици“.
Орце Камчев ќе им се приклучи на Јордан Мијалков, Никола Груевски и неодамна Рамиз Мерко како еден од групата македонски државјани што се најдоа на листата заради криминал.
Покрај поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на листата се најде и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. LTD со адреса во Унгарија, која што е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.
Вчера и македонската компанија „Сајтрокс“ беше ставена на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност на Министерството за трговија на САД поради развивање и продажба на малициозен софтвер за следење на комуникации.