И Мицкоски го бара печатот од директорката


 

Премиерот Христијан Мицкоски денес порача дека, ако има пречекорувања кои имаат и кривична одговорност ќе има и други мерки против началникот на полицијата од Демир Хисар, но посочи дека треба да се преземат  мерки и за директорката бидејќи за нејзината работа биле констатирани големи неправилности од ДПИ, поради кои е и разрешена. „Некој, вели, треба да даде одговор во јавноста за исчезнувањето на печатите и документи од училиштето“.

„МВР реагираше како што реагираше. Началникот којшто постапува надвор од овластувањата е суспендиран, односно сменет. И тоа е тоа што може да го констатира во овој момент внатрешната истрага и процедурите на МВР. Доколку има пречекорувања коишто имаат и кривична одговорност, се разбира и тоа ќе се случи. Нема да има повластени – не е ова ВМРО, не е ова СДСМ и ДУИ, ова е Влада во која што ВМРО-ДПМНЕ е на страната на граѓаните. И мора секој оној којшто ќе се огреши, без разлика од каде е, да сноси последици за тоа го што направил“, изјави Мицкоски по увидот во изградбата на училишна спортска сала во Петровец.

Вториот дел од вистина, нагласува премиерот Мицкоски, која што за жал никој не ја пренел е фактот дека во работењето на директорката од страна на ДПИ се констатирани големи неправилности финансиски, но и друг тип.

„И тоа е причината зошто таа добила решение за да биде сменета, а главното прашање што треба да и се каже на јавноста, на кое таа треба да одговори е, зошто ги снемува печатите и дел од документите во училиштето по нејзината смена? Тоа е суштината. Тоа што тој началник постапил надвор од овластувањата и спротивно на ЗКП, тој ќе си сноси последици. Но, суштината е зошто никој не го коментира работењето на сменетата директорка, и зошто никој не го коментира во јавноста исчезнувањето на печатите и документи од училиштето“, рече Мицкоски.

Со ова, додаде, треба да се позанимава Обвинителството, но за ова треба сите ние јавно да дискутираме.

„Зарем ова ќе го замолчиме, девијантно однесување каде што постои основано сомневање за сторен криминал и ќе се фокусираме на ова. Еве ја затворам темата. Тој којшто постапил надвор од правилникот сноси последици. Ајде сега да видиме за суштината. Затоа што, ако амнестираме ваков директор којшто работи спротивно на закон и за кој што постои основано сомневање за сторен криминал, тогаш имаме проблем. Тогаш сите ние имаме проблем“, рече Мицкоски.