И Меџити работел за „српскиот свет“ , ДУИ тврди дека имал средба со Вулин


Дали во февруари 2025 година во кабинетот на градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, а во присуство на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, се одржала средба меѓу првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и поранешниот српски вицепремиер Александар Вулин, прашуваат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

На средбата, како што посочија од партијата, била разгледувана и координирана значајна српска инвестиција во „Битолска банка“.

„Ако овие информации се точни, јавноста мора да биде запознаена со мотивите, содржината и последиците на таков состанок. Секоја непроѕирност во врска со меѓународни финансиски интереси отвора сериозни сомнежи за политичко влијание и зависност“,се вели во партиското соопштение.

ДУИ ги повика Димитриевски, Стоилковиќ и Меџити да дадат јасни и навремени појаснувања пред јавноста.

„Секој таен договор што вклучува странски финансиски интереси носи ризик од политичка зависност и влијание. Македонија не смее да биде заложник на сенки и непроѕирни договори“,пишуваат од партијата.

Од ВЛЕН експресно одговорија дека средбата меѓу Меџити и поранешниот српски вицепремиер Александар Вулин е вистинита исто колку и можноста поранешниот прв вицепремиер од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да биде тргнат од „црната листа“ на САД пред локалните избори. 

„Потсетуваме на две неспорни вистини. Прво, Бујар Османи имал средба со бегалецот Никола Груевски. Познати се и местото и времето на таа средба, како и темата на разговор. Второ, нападите што деновите ги упатуваат кон ВЛЕН и кон нашите лидери се лага и паника, бидејќи очекуваа дека нивната соработка со Груевски и Мијалков ќе остане тајна без докази“,се вели во реакцијата од ВЛЕН.