И македонската челична индустрија на штрек поради најавените царини на Трамп
Познавачите велат дека на удар би можеле да се најдат „Макстил“, „Либерти“, кои се водечки компании во челична индустрија, а можеби и „Дојран стил“
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2022/05/makstil.jpg)
Царините што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп и кои треба да ги обелодени денес или утре, би можеле да го погодат и македонскиот челик, доколку не биде направена некоја отстапка за одделни земји. САД не се во врвот на најголемите македонски надворешно-трговски партнери, според вредноста на размената за минатата година се на 17-то место, но еден од производите кои што ја карактеризираат таа размена се железото и челикот, според информациите на американскиот Стејт департмент.
Во асоцијациите на стопанствениците се на штрек, но велат дека не можат да излезат со каков било коментар пред мерките и официјално да бидат објавени. И од Владата нема одговор на прашањето како најавените американски царини на челикот и алуминиумот ќе се одразат врз македонската економија, која и онака се соочува со повлекување на некои странски инвестиции или со најави за намалување на бројот на работни места во некои од нив, поврзани пред се со автомобилската индустрија. Зад завесата, сепак, се прават анализи што ќе значи новата ситуација за македонското стопанство, доколку на удар на овие царини се најде и македонскиот извоз во САД.
Во изјавата за новинарите на „Ер Форс 1“, американскиот претседател објави дека царините ќе бидат објавени во вторник или среда и ќе стапат на сила речиси веднаш, по тарифните стапки што ги применуваат другите земји.
„Многу едноставно, ако ни наплаќаат, ние им наплатуваме“, рече Трамп.
Најголеми извозници на челик во САД се Канада, Бразил, Мексико, Јужна Кореја и Виетнам, според податоците на американската влада и Американскиот институт за железо и челик. Канада е исто така главен снабдувач на увезен алуминиум.
„Американските производители веројатно ќе се соочат со повисоки трошоци поради овие царини од 25 проценти“, рече Даниел Хајнс, висок стратег за стоки во АНЗ банка во Сиднеј.
„Зависноста на САД од увоз на метали е значителна: приближно 40-45 проценти за алуминиум и 12-15 проценти за челик.
Иако Македонија е мал дел од оваа челична слагалка, сепак, тоа веројатно ќе има значаен одраз и врз некои македонски компании.
Од Стопанската комора и од Владата не посочуваат кои компании би можеле да се најадат на удар на американските царини, но познавачите упатуваат дека тоа би можеле да се „Макстил“, „Либерти“, кои се водечки компании во македонската челична индустрија, а можеби и „Дојран стил“.
Кој е кој во македонската челична индустрија
„Макстил“ е регионален лидер во производството на топловалани дебели лимови и е присутен на пазарите во повеќе од 40 држави. Според податоците на нивната корпоративна интернет страница во 2023 година биле продадени над 305 илјади тони.
„Либерти Скопје“ е дел од „Либерти Стил“ Групацијата, глобална компанија за челик и рударство која има 200 производствени капацитети во 10 земји и е една од најголемите компании во земјава со годишен производствен капацитет од 750 илајди тони ладновалан, 200 илајди тони поцинкуван како и 77 илјади тони пластифициран челик. Според податоците на нивната интеренет страница, тие ги опслужуваат клиентите од градежната и општата индустрија низ Балканот и Југоисточна Европа. Нема информации дали извезуваат и во САД.
„Дојран стил“, како што наведуваат на нивната интернет страница, обезбедува најквалитетни челични производи за различни намени. Компанијата е водечки производител на профили во Југоисточна Европа и армирачки шипки, жичена мрежа, мрежни решетки, бакарна жица за заварување, галванизирана мрежа и двојно свиткана шестаголна мрежа. Сите овие производи ги исполнуваат најновите и највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Нема податоци дали извезуваат во САД.
Колкав е извозот на Македонија во САД
Според податоците од американскиот Стејт департмент, во 2021 година, вкупната трговска размена меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави изнесувала 306 милиони американски долари, што претставува зголемување од 6,9 отсто во однос на 2020 година.
„Електричните машини и опремата на САД беа особено привлечни за увозниците во Северна Македонија. Главниот извоз во САД е тутун, облека, железо и челик“, стои на интернет страницата на Стејт департментот.
Во четвртокот минатата недела Државниот завод за статистика ги објави податоците за надворешно-трговската размена на Македонија во 2024 година. Според податоците на ДЗС, вкупната размена на Македонија со САД лани изнесувала нешто над 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година, што значи била помала за 2,1 отсто. Извозот од Македонија во САД лани достигнал значајни 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Истовремено, лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.
Дали овој факт ќе биде доволен Македонија да „куртули“ од американските царини, ќе се знае можеби уште вечерва, бидејќи еден од аргументите на претседателот Трамп за овие мерки е нарамнотежата во размената, што не е случај со Македонија, бидејќи и покрај значајниот раст на извозот од Македонија лани, сѐ уште имаме трговски дефицит во размената со САД.
Македонската челична индустрија и онака се соочува со проблеми од кои некои се повеќегодишни, во прв ред со транспортот, но и снабдувањето со потребните суровини, а не треба да се прнебрегне и енергетската криза која што остави длабоки трауми во оваа дејност.
Од каде САД го добиваат својот челик и алуминиум?
Ројтерс денеска се осврна на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум. Агенцијата направи резиме на главните трговски партнери што ќе бидат погодени.
Приближно една четвртина од целиот челик што се користи во Соединетите Држави се увезува, најголемиот дел од него од соседите Мексико и Канада или блиските сојузници во Азија и Европа како Јапонија, Јужна Кореја и Германија.
Додека Кина е најголемиот светски производител и извозник на челик, многу малку се испраќа во САД. Тарифите од 25% наметнати во 2018 година го затворија најголемиот дел од кинескиот челик надвор од пазарот, пишува Ројтерс.
Кина минатата година извезла 508.000 нето тони челик во САД или 1,8% од вкупниот американски увоз на челик.
Во случајот на алуминиум, САД се повеќе зависни од увозот. Приближно половина од целиот алуминиум што се користи во САД се увезува, а огромното мнозинство доаѓа од соседна Канада. Со 3,2 милиони тони минатата година, канадскиот увоз беше двојно повеќе од следните девет земји заедно. Следни најголеми извори на увоз се Обединетите Арапски Емирати и Кина со 347.034 и 222.872 метрички тони.
Американската индустрија за топење алуминиум е мала според светските стандарди. Вкупниот капацитет на топилниците во земјата беше само 1,73 отсто од вкупниот глобален вкупен број според геолошките истражувања на САД, наведува Ројтерс.