И Македонија и Албанија ќе бидат одговорни за Охрид
УНЕСКО даде уште една шанса Охридскиот Регион да не се најде на листата на загрозени светски наследства. Одлуката беше донесена на вчерашната седница на УНЕСКО во Баку, Азербејџан.
Земјите членки на Комитетот имаа различни гледишта за предлогот дали Охридскиот Регион треба да биде на листата на загрозени или не, но на крајот се сложија да се даде дополнителен рок. На истата седница се изгласа номинацијата Охридското Езеро и од страната на Албанија да добие статус на светско наследство. Поради ова, сега двете земји се задолжени за зачувувањето на природата околу и во езерото, како и да се интервенира во прекумерниот и нелегален риболов со цел зачувување на ендемските видови што живеат во него.
Советодавното тело на УНЕСКО, ИКОМОС, предложуваше Охридското Езеро од албанска страна да се впише во листата на светски наследства и веднаш да биде ставено на листата на загрозени, заедно со делот од македонската страна. За овој предлог се сложи Норвешка, но не беше усвоен бидејќи Унгарија, Кина, Гватемала, Бразил и домаќинот Азербејџан побараа дополнителен период за Македонија да ги имплементира забелешките од страна на УНЕСКО. Се сложија дека во Албанија е потребна и мониторинг-мисија за меѓународните експерти да утврдат во кои делови најитно треба да се интервенира. Земјите членки на Комитетот побараа Албанија и Македонија да работат на сите нивоа за заштита на Охридското Езеро и во иднина да бидат пример за меѓугранична соработка со цел заштита на светското културно и природно наследство.
Доколку Македонија не ги примени забелешките од УНЕСКО до февруари следната година, повторно ќе се отвори прашањето за ставање на Охридскиот Регион на листата на светски наследства во опасност. Поради специфичноста за прашањето на Охридскиот Регион, УНЕСКО изминативе денови најдолго дебатираше за оваа тема, и тоа на две седници. Владината делегација која присуствуваше во Баку ги бранеше ставовите дека земјата сепак презела мерки за заштита на Охрид по доаѓањето на новата власт. Предводник на делегацијата беше Едмонд Адеми, кој се заблагодари што УНЕСКО има разбирање.
– Сега, откако е јасно дека под заштита ќе биде и делот од соседна Албанија, за нас е од големо значење. Сметаме дека ова ќе биде уште една причина плус да се зачува природното и културно наследство на Охридскиот Регион. Се надеваме дека планираната заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија ќе се одржи токму во овој регион. Тоа ќе биде во насока на продлабочување на соработката во зачувување на овој регион. Со Албанија ќе работиме на отстранување на аномалиите и на подобрување на промоцијата на овој регион, кој годинава одбележува 40 години откако е ставен на листата на светско природно и културно наследство – рече Адеми во своето обраќање.
Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој беше дел од делегацијата, вели дека најголем проблем во убедувањето дека треба да добиеме дополнителен рок, всушност, беа контраставовите на домашните фактори кои, паралелно со нашите активности, го уверуваа Комитетот за заштита на светското наследство дека Охрид треба да го изгуби статусот на заштитено светско наследство.
„Нема ништо поболно од тоа да знаеш дека најголем противник ти се „твоите“. Слично како и со датумот за преговори со ЕУ, опозицијата не само што навиваше туку и се залагаше да не успееме. Во желбата да спечалат некакви политички поени, одржуваа прес-конференции со јасна намера да наштетат. За негрижа кон овој наш македонски и светски бисер зборуваат токму оние што цели 11 години не мрднаа ни со прст да ги имплементираат препораките на УНЕСКО. Сегашната влада е формирана само два месеца по Извештајот на УНЕСКО (2017 година) од мониторингот на Охридскиот Регион. Среќа што во Баку сите го знаеја тој податок многу добро и го препознаа цинизмот. Дали ја добивме битката? Да. Дали ја добивме војната? Допрва треба. Ако уште од утре, буквално од утре, сите чинители во државата не преземеме конкретни и одлучни чекори за заштита на Охрид, тогаш не го ни заслужуваме“, вели Жерновски.
Според регистарот на дивоградби, кој на барање на УНЕСКО го изработи општината, во Охрид има 1.076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк Галичица и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.
„Сосема е јасно дека во оваа битка локалната самоуправа мора да добие поддршка од централната власт. И ќе ја добие! Сите ние мора да покажеме зрелост при соочување со фактот дека состојбата во Охридскиот Регион е критична и дека бара итен и сеопфатен ангажман. Ќе биде недозволиво ако по извесно време констатираме дека Светот се грижи многу повеќе за нашиот Охрид отколку ние самите“, додава Жерновски.
НВО инсистираа дека Охридскиот Регион е загрозен
За разлика од владините претставници, невладиниот сектор бараше УНЕСКО без одложување да го стави Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност. Претставник невладината „Охрид СОС“, кој се обрати во Баку, рече дека ниту една од посочените препораки не е отпочната, а многу од останатите остануваат нереализирани. „Охрид СОС“ тврди дека Владата ја одлага примената на конкретни акции според препораките и со изнесување невистини ја изневерува Конвенцијата за светско наследство тактички и смислено.
„Охридскиот Регион е домот на Охридското Езеро, кое е едно од најбогатите езерата по разновидност на жив свет на планетата. Тој е чуварот на планината Галичица, која е една од планините со најголем број разновидни растенија во Европа и скривалиште на тајните поврзани со човековата цивилизација, чувани цели шест илјади години. Заради сето ова, регионот ја носи ретката титула на мешано светско наследство веќе 40 години. Овој регион, со децении наназад, дел по дел, умира во агонија“, посочија од „Охрид СОС“.
Претставничка на невладиниот сектор од Австрија побара УНЕСКО да не се повлекува и да ја потврди одлуката со која Охридскиот Регион ќе се стави на црната листа.
„Му честитам на Комитетот кој даде јасна слика за ситуацијата во Охрид и за сериозните закани за културното и природното наследство со кои Охрид се соочува со години. Со ваквата одлука меѓународната заедница ќе го вклучи алармот и ќе ја подигне свеста не само на политичките лидери туку и на бизнис-заедницата и на граѓаните, дека сегашната ситуација е спротивна на принципите на одржлив развој и на принципите за одговорно однесување со светското културно наследство. Ние сме убедени дека, ако се усвои ваквата препорака, УНЕСКО ќе ја преземе одговорноста да биде чувар на ова светско наследство“, кажа претставничка на австриска невладина организација за зачувување на светско природно и културно наследство.
Владата задоволна од одлуката
Од Владата сметаат дека земјите членки на Комитетот ги препознале реформите за зачувување на интегритетот и автентичноста на светското наследство во Охридскиот Регион.
„Комитетот посебно ги истакна активностите на Владата, како укинување на плановите за ски-центар и експресен пат на Галичица, проектите за колекторскиот систем и пренасочувањето на реката Сатеска, како и носењето на новиот закон за управување. Комитетот ја нотира и поздрави одлуката на Владата од 11 јуни за спроведување на останатите препораки на УНЕСКО“, велат од Владата.
Согласно одлуката, нашата држава до 1 февруари 2020 треба да достави извештај за напредокот во остварувањето на останатите препораки на УНЕСКО. Врз основа на тој извештај, се очекува УНЕСКО повторно да го разгледува случајот со Охридскиот Регион на следната седница на Комитетот во јуни 2020.
Ивана Настеска