И Кулеба поднесе оставка – што се случува со украинската влада?


Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба поднесе оставка како дел од најголемата реконструкција на кабинетот во 30-месечната војна против Русија. Дополнителни оставки и нови назначувања се очекуваат во наредните денови, откако петмина министри се повлекоа вчера, што висок сојузник на претседателот Володимир Зеленски го претстави како „ресетирање“ на владата пред зимата.

Писмото за оставка на Кулеба на Фејсбук го објави претседателот на парламентот Руслан Стефанчук. Стефанчук рече дека претставниците наскоро ќе разговараат за барањето. Парламентот се очекува да гласа за оставките подоцна во среда, што инаку е обична формалност.

Оставки на истиот ден поднесоа и министерот за стратешки индустрии Олександр Камишин, министерот за правда Денис Маљуска и министерот за животна средина Руслан Штрилец. Камишин, кој го надгледува домашното производство на оружје, рече дека ќе продолжи да работи во одбранбениот сектор, но на друга позиција.

Ден претходно Стефанчук потврди дека оставки поднеле и вицепремиерката за европски и евроатлански интеграции Олха Стефанишина и вицепремиерката за реинтеграција на привремено окупираните територии Ирина Верешчук.

„Промените се случуваат во клучен момент на конфликт“
Зеленски рече дека промените во владата, кои се случуваат во клучен момент од конфликтот, се неопходни за да се зајакне и да се постигнат резултатите што и се потребни на Украина. „Есента ќе биде исклучително важна за Украина. И нашите државни институции треба да бидат поставени така што Украина ќе ги постигне сите резултати што ни се потребни, за сите нас“, рече тој вчера.

Руските сили напредуваат во источна Украина. Силите на Киев го нападнаа регионот Курск, а Москва ги засили нападите со беспилотни летала и проектили во последните неколку недели. Давид Арахамија, висок претставник на партијата на Зеленски, вчера изјави дека ќе има „големо ресетирање на владата“ во кое ќе се сменат повеќе од половина од министрите.