И Јужна Кореја ќе казнува за намалување на количината на производите
Регулаторот на Јужна Кореја денеска соопшти дека планира да ги спречи скриените зголемувања на цените, велејќи им на производителите и добавувачите на храна дека ќе мора да ги известат потрошувачите за намаленото пакување на производите, што не е придружено со соодветно намалување на нивните цени.
Во средината на април, француското Министерство за финансии ги информираше трговците на мало дека во иднина ќе мора да ги информираат потрошувачите за производите чие пакување е намалено, но чија цена останала иста.
Од јули до септември, француските малопродажни компании ќе мора да ги информираат потрошувачите за храна и други производи за широка потрошувачка чија цена не следи по намаленото пакување, соопшти Министерството.
Прикриените зголемувања на цените преку намаленото пакување на производите предизвикуваат главоболки и кај потрошувачите и кај владите бидејќи ја инхибираат потрошувачката во услови на послаба куповна моќ на домаќинствата под притисок на високата инфлација и трошоците за задолжување.
А јужнокорејската комисија за фер трговија (FTC) во петокот изјави дека таквата практика е неправедна, заканувајќи им се на компаниите со казни.
Затоа повеќето производители на преработена храна и покуќнина ќе мора да користат етикети за да ги предупредат клиентите за намаленото пакување.
Регулаторот ќе им даде рок на компаниите три месеци да се подготват, па регулативата ќе стапи на сила во август. Првиот прекршок ќе ја чини компанијата пет милиони вони (околу 3.400 евра), а вториот десет милиони (околу 6.800 евра).
„Целта на промената е да се спречи ситуација кога компаниите соодветно не ги известуваат потрошувачите дека ја намалиле големината, стандардот, тежината или количината на производот, така што потрошувачите не се свесни дека плаќаат значително повисоки цени“, се вели во соопштението на корејскиот регулатор.
Зголемувањето на цените на храната и повисоките трошоци за живот беа главните теми пред парламентарните избори во април, на кои владејачката партија на претседателот Јун Сук Јеол доживеа тежок пораз.
Владата на Јун презеде голем број мерки за да ги скроти зголемувањата на цените, вклучително и намалување на тарифите за увоз на храна и бара од компаниите да го ограничат зголемувањето на цените, забележа Ројтерс.