И Индија ќе го менува меѓународното име?


Следејќи го примерот на Турција, индиските медиуми пренесуваат дека наскоро можно е Индија да побара од ОН да биде заведена како Барат, нејзиното изворно име.

Дали на повидок е нова меѓународна промена на име на една држава? Откако Турција на англиски јазик од Turkey стана Türkiye, како што ѝ е името на турскиот јазик, сега веројатно и Индија ќе побара такво нешто.

Оригиналното име на Индија не е воопшто слично со англиското име, кое се користи во Обединетите нации, како и на многу други јазици, вклучувајќи го и македонскиот.

На социјалните мрежи се шири фотографија од официјалната покана на шефовите на држави и министри на Г20 на вечера организирана од индискиот претседател Друпади Мурму.

 

На поканата, напишана на англиски јазик, стои дека ја упатува „претседателот на Барат“, а не претседателот на Индија. Претходно на ваквите покани секогаш стоело Индија.

 

На јазикот хинди, кој е официјален јазик на Индија покрај англискиот, земјата се нарекува भारत, што транскрибирано на латиница е Bhārat, а изговорот е Барат. Зборот Индија потекнува од латинскиот India, старогрчкиот Ἰνδός (Индос) и староперсискиот Hindush, кои се однесуваат на долината на реката Инд, која денес дури не се ни наоѓа во државата Индија туку во соседниот Пакистан (освен делот во спорниот регион Кашмир).