И Ѓорге Иванов е во Њујорк


 

Покрај големата македонска делегација која е во САД за Генералното собрание на ОН (вклучително и претседателот и премиерот) во Њујорк е и поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Тој во Обединетите нации се сретнал со помошникот генерален секретар на ОН и Висок претставник за Алијанса на цивилизациите при ОН, Мигуел Анхел Моратинос.

По средбата бил потпишан договор за партнерство во рамките на дејностите на иницијативата на Алијанса на цивилизациите при ОН. Договорот предвидува можност за заеднички проекти и активности во Македонија, но и во поширокиот регион. Со овој договор Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ од Скопје стана и официјален партнер на ОН во целта за остварување на заедничките приоритети на оваа благородна идеја, објави кабинетот на поранешниот претседател.

За време на посетата на САД, Иванов се обрати на панел на темата ,,Градење на Алијансата на цивилизациите во нарушени времиња” во рамките на состанокот на високо ниво на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“. Во својот говор Иванов се осврна на потребата од конкретни акции преку кои би се реализирале целите на Алијансата во светот, но и во нашиот регион.