И еврокомесарите под лупа заради „Катаргејт“, прв на списокот Аврамопулос
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, покрена итна истрага за врските на нејзините 26 комесари со поранешниот шеф на ЕУ за миграција, Димитрис Аврамопулос, кој е заробен во спирални обвинувања за корупција околу влијанието на Катар во Брисел. Комисијата, исто така, бара од самиот Аврамопулос да објасни како ги почитувал правилата за лобирање.
Аврамопулос, поранешен комесар за миграција на ЕУ, беше почесен член на одборот на невладината организација „Борба против неказнивоста“, која беше основана од поранешниот европратеник Пјер Антонио Панцери – кој моментално се наоѓа во затвор под прелиминарните обвиненија за корупција и перење пари. Аврамопулос призна дека добил исплата од 60.000 евра од невладината организација и оттогаш се откажа од својата улога во почесниот одбор на невладината организација.
Скандалот, во кој европратеничката Ева Каили, исто така, беше обвинета и лишена од нејзината улога како потпретседател на Европскиот парламент, го потресе естаблишментот на ЕУ и го наруши кредибилитетот на блокот за етичките стандарди.
Во мејловите испратени во средата до „контактните точки за транспарентност и етика“ во секој од кабинетите на еврокомесарите официјален претставник на ЕУ праша дали членовите на Колеџот на комесари или персоналот на кабинетот имале интеракција со Аврамопулос или „Борба против неказнивоста“ минатата година. На примателите им беше дадено време да одговорат само до средината на утрото.
„Аврамопулос изјави за ПОЛИТИКО дека допрва треба да го добие писмото од Комисијата, но рече дека неговата улога не бара никакво лобирање од комесари или претставници на ЕУ.Во писмото до Комисијата испратено претходно, Аврамопулос рече дека не само што го одобрува истражниот процес, туку и бара тој да се интензивира.
„Како што можеби знаете, моето членство во почесниот одбор на горенаведената организација, кое беше одобрено од ЕК, стана прашање на политичка полемика, клевета и шпекулација“, напиша Аврамопулос.
„Уверен сум дека заклучоците до кои ќе дојде ЕК по брза проверка, за целосното усогласување на моите постапки со условите на одлуката, конечно и недвосмислено ќе го отстранат моето име од практиките и однесувањето за кои сите ние немавме никакво знаење или вмешаност“, додава тој.
Тој рече дека кога побарал дозвола да се приклучи на одборот на „Борба против неказнивоста“, тој и рекол на Комисијата дека ќе биде единствениот член на одборот што ќе биде награден со 5.000 евра месечно пред оданочување, бидејќи ќе биде вклучен во „активна промоција“ на НВО и дека целиот надоместок бил уредно пријавен на грчките даночни власти.
Аврамопулос се сретна со актуелниот шеф за миграција Илва Јохансон и кипарската комесарка Стела Киријакидес во ноември 2021 година, но Ерик Мамер, главниот портпарол на Комисијата на ЕУ, во средата рече дека „на ниту еден од овие состаноци, од она што го разбираме, тој не ја претставувал невладината организација“.
Кон крајот на 2020 година, Независниот етички комитет на Комисијата, кој ги проверува активностите на поранешните комесари откако ќе ја напуштат функцијата, предложи да се одобри улогата на Аврамопулос, а неколку месеци подоцна Комисијата во извештајот рече дека „не гледа никакви правни или други пречки“ да го спречи да ја преземе улогата.
Во тоа време тој и кажа на Комисијата дека неговата работа за „Борба против неказнивоста“ ќе се одвива „без да се вклучи во активности за лобирање кон Европската комисија“. Како поранешен комесар тоа му беше забрането.