И Евреите ќе влезат во македонскиот Устав
Ковачевски соопшти дека остварил средба со израелската делегација од Кнесетот која е во посета на земјата по повод одбележувањето на 80-годишнината од депортирањето на 7.144 Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.
„Тие биле транспортирани и убиени во Треблинка од страна на фашистите – тоа се историски факти и не може да има дискусија на таа тема. Еврејската заедница кај нас е исклучително значајна заедница и сум кажал јас, како и коалициските партнери, дека при уставните измени и Евреите ќе бидат една од заедниците кои што сметаме дека треба да бидат дел од нашиот Устав“, рече Ковачевски.
Македонскиот Устав ќе се отвори, но не само за бугарското малцинство во земјата. Владата размислува и околу барањата на другите заедници во земјата, коишто изминатиот период пројавиле желба да бидат внесени во Преамбулата на Уставот, којшто треба да се отвори пред пристапувањето на земјата во Европската Унија. Идејата е Уставот да се дополни и со еврејскиот народ, затоа што еврејската заедница е веќе вградена во листа на верски заедници во Уставот, на која се застапени МПЦ, ИВЗ, Католичката, Методистичка и Еврејската заедница. Египќаните и Торбешите исто така побарале да бидат вклучени во уставните измени коишто ќе треба да ги направи земјата. Претходно се отвори прашање во Уставот да бидат внесени и Хрватите и Црногорците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува на отворање на Уставот.
Во однос на последната анкета која покажа дека 80 отсто од Македонците се против промена на Уставот, Ковачевски вели дека анкетата покажува и дека граѓаните иднината ја гледаат во ЕУ.
„Ако ги погледневте анкетите ние немаше да го донесеме Ракомвниот договор, Преспанскиот договор, Собранието немаше да ги прифати заклучоците од францускиот предлог. Лидерство е да донесете одлука за иднината на сегашните и на идните генерации. ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е – само се крие зад својот народ и едно зборуваат пред амбасадите, а друго пред народот“, рече Ковачевски.
Според последниот попис, којшто беше спроведен во септември 2021 година, 3.504 македонски граѓани се изјасниле како Бугари, со 0,19 отсто. Дека бугарскиот им е мајчин јазик на пописот пријавиле 1.519 граѓани, или 0,08 отсто од населението во земјата. Бугарите се деветта по застапеност етничка заедница во земјата, а втора од заедниците кои не се опфатени со Уставот. Од заедниците што не се опфатени како малцинство во Преамбулата на Уставот најбројни се Торбешите (4.174), потоа Египќаните (2.406 граѓани или 0,13 отсто), Хрватите – (2.145 лица или 0,12 отсто), а како Црногорци се изјасниле 1.023 или 0,06 проценти.