И ДКСК индиректно поддржа оставка на Димитровска

Димитрова ниту доаѓа на работа, ниту дава оставка. Доколку таа и натаму молчи, не поднесува оствака или Собранието не реагира, угледот на Антикорупциска ќе спадне на нула


Татјана Димитровска (Фото: Б. Грданоски)

 

Државната комисија за спречување на корупција реагираше на повиците во јавноста  претседателката Татјана Димитровска, поради покренатите обвиненија против неа. Индиректно Антикорупциска ја повикува Димитровска да си поднесе оставка, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе две обвиненија против неа:  едното за издавање службена тајна во случајот „Адитив“, а другото за тоа што побарала од нејзин колега во Државниот завод за ревизија во нејзино име да го полага тестот за безбедносен сертификат.

„Собранието на Република Северна Македонија е институцијата која носи одлука за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Поднесување на оставка како морален чин е одлука и право на самата претседателка“, велат од ДКСК. И додаваат:

„Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Сепак, во интерес на непречено работење и успешно остварување на целта и надлежностите на Државната комисија цениме дека е исклучително важно Државната комисија да функционира во полн состав.

Воедно, ве известуваме дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупција согласно изречените мерки од надлежниот суд, во изминатиот период не доаѓа на работа“, стои во реакцијата на ДКСК. Оттаму не наведуваат дали Димитровска за сето ова време прима плата.

Татјана Димитровска молчи целиот период откако беше откриено дека издавала службени тајни на еден осомничените во случајот „Адитив“. Таа се јави само еднаш со соопштение на крајот од април во кое наведе дека нејзината комуникација со лицето – кое го опиша како семеен пријател, а подоцна било обвинето во случајот – се одвивала во период пред почетокот на постапката против него.

„Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот ‘Адитив’. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата“, напиша Димитровска.

Сега таа дополинетлно е осрамотена – дека барала некој друг место неа да го полага тестот за безбедносен сертификат. Угледот на Антикорупциска во последната година е речиси ничкосан и доколку Димитровска не поднесе оставка, а Собранието се колеба што да прави, тој ќе биде сведен на нула. Речиси и ќе го нема, а нејзината работа ќе стане целосно неважна. (Н.В.)