И бугарските социјалисти се на истата позиција како Каракачанов и Захариева


Нема никаква разлика меѓу позицииите на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и главните играчи во владата на Бојко Борисов – министрите за одбрана и надворешни работи, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, во однос на блокадата на Македонија. Тоа го соопшти европратеникот од БСП, Петар Витанов, денеска за бугарската национална телевизија БНТ. Витанов, со оглед на изборите во март, го поставува прашањето наменето до бугарската јавност – зошто владата на Борисов дозволила да се дојде до оваа ситуација, иако тоа можела условите да ги постави уште порано. Витанов, кој е лидер на бугарските социјалисти во Европскиот парламент, вели дека сега Софија е под голем притисок на Франција и Германија да се одобри преговарачката рамка и да почнат преговорите.

„Важното прашање е зошто дојде до ова. Последните три години, поради кратковидост, не ја искористивме рамката предвидена со Договорот за добрососедство и пријателство. За прв пат во него беше формулиран концептот на ‘заедничка историја’ и за првпат беше предвидена мултидисциплинарна комисија за решавање на историското прашање. Овој договор беше основа што може да влезе во рамката за преговори како хоризонтален критериум – ‘имплементација на билатерални договори за соседство’. Сепак, тоа не се случи“, рече тој во програмата „Денот започнува“.

Тој вели дека бугарската влада го довела во заблуда општеството кога во март дала зелено светло за почеток на преговорите. „Чекавме до последниот момент… и сега бугарската дипломатија дозволи Бугарија да се најде под огромен притисок. Притисокот од Франција и од Германија е врз Борисов, а не врз Зоран Заев да го исполни договорот“.

Витанов вели дека повеќето западни земји сакаат процесот на проширување да продолжи и дека најпосле ќе се најде некаква форма за соработка со Македонија. „Ќе се најде правно обврзувачки механизам, можеби во форма на билатерална спогодба за да се гарантира исполнувањето на Договорот за добрососедство, преземените мерки и патоказот за нивно спроведување“, оценува европратеникот Петар Витанов од БСП.

Бугарските социјалисти и ГЕРБ на Борисов се во мртва трка во анкетите за изборите во март. Коалицијата на Красимир Каракачанов, „Обединети патриоти“, сега има поддршка од 3,8 отсто што е недеоволно да се помине петпроцентниот праг за влез во парламентот. (Н.В.)