И Бугарија ќе има стратешки дијалог со САД, на 25 септември


 

САД отвораат нова патека за комуникација со официјална Софија по изборот на коалициската влада на чело со Николај Денков и Марија Габриел. Државниот секретар Ентони Блинкен вчера телефонски разговарал со Габриел и договориле САД и Бугарија да одржат стратешки дијалог на 25 септември. Тоа ќе биде втора сесија на стратешкиот дијалог. На средбата треба да бидат изнесени конкретни чекори за продлабочување на соработката во одбраната, енергетската диверзификација, иновациите, борбата против дезинформациите.

Според Стејт департментот клучни теми во разговорот меѓу Блинкен и Габриел биле Украина и проширувањето на ЕУ.

Во соопштението на Стејт департментот се вели: „Секретарот Блинкен и министерката за надворешни работи Габриел разговараа за потребата од континуирана безбедносна помош за Украина од сојузниците и партнерите и тековните напори за диверзификација на изворите на енергија кон почисти, посигурни набавки и технологии. Секретарот и министерката за надворешни работи, исто така, се осврнаа на важноста на проширувањето на ЕУ за да се обезбеди стабилност и просперитет во регионот“.

А во соопштението на бугарското МНР се нагласува дека Блинкен изразил поддршка за новата влада во Софија, дека било разговарано за укинување на визите за бугарските граѓани за патување во САД, но за тоа уште не се создадено услови.

За време на разговорот Габриел ја истакнала и европската перспектива за Западен Балкан, но „во согласност со договорените обврски“.

САД го поддржуваат брзиот пристап на Северна Македонија во ЕУ, но Софија очекува Скопје да исполни одредени услови, од кои најважен е вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав.