И Беса се дели – Аријанит Хоџа и Басри Бајрами ќе формираат нова партија


Аријанит Хоџа (Фото: Б. Грданоски)

 

Албанскиот политички блок и натаму се дели. По отцепувањето на „огнените“ од ДУИ, сега и Беса, партијата на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, ќе се расцепува.

Аријанит Хоџа, кој беше заменик-претседател на Беса и поранешен министер, заедно со пратеникот Басри Бајрами денеска на прес-конференција соопштија дека ќе формираат нова политичка партија. 

Хоџа на прес-конференција соопшти дека почнувајќи од денеска тој и повеќемина негови сопартијци ќе функционираат како посебна политичка формација и оти ги отвораат вратите за сите оние кои сакаат да станат дел од овој политички проект. 

„Ние сме организирана структура која во периодот пред нас ќе работи во полн обем и јасна политичка артикулација и јасна визија за иднината на граѓаните и државата. Имајќи предвид дека државата се наоѓа во многу деликатна ситуација во која се одлучува за европската иднина ќе се однесуваме со внимание сериозност и посветеност да придонесеме преку нашиот претставник во Собранието за што поскоро да се случат уставните измени и да се пристапи кон отворање на патот за членство во ЕУ. Нормално би било многу подобро заради меѓуетничката кохезија во предлогот на уставните измени да се предлагаше и корекција на терминот 20 отсто во однос на албанскиот јазик, но за тоа одговорност сноси поднесувачот на предлогот“, рече Хоџа.

Тој денеска повторно се огради од таканаречениот опозициски блок на Билал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши.