И Ауди се откажува од плановите за целосна електрификација


Плановите автомобилската индустрија целосно да премине кон електрична енергија до почетокот на 2030-тите стануваат утописки.

Така барем сугерираат најновите информации од таборот на најголемите производители. Последен во низата е Ауди, кој сериозно ја преиспитува својата претходна најава дека ќе нуди исклучиво електрични автомобили од 2032 година. Податоците за продажба за 2024 година покажуваат дека побарувачката за електрични возила на Ауди паднала за 19,5 отсто, на 158.343 единици.

За време на годишната медиумска конференција на Ауди за 2025 година, извршниот директор Гернот Долнер рече: „Како дел од иницијативата за лансирање на производи, не само што ги претставуваме новите електрични модели, туку и новата генерација возила со мотори со внатрешно согорување и плаг-ин хибриди. Ќе го прилагодиме производството на последните возила со мотори со внатрешно согорување во зависност од развојните трендови на глобалниот пазар“.

Ауди претходно објави дека новиот Q7 ќе биде последниот нов производ достапен со мотори со внатрешно согорување, што ќе се совпадне со прекинот на развојот на моторот најавен за 2026 година. Планот беше овие модели да опстанат до 2032 година.

Сега Ауди, по примерот на претходните одлуки на БМВ, Мерцедес и Волво, ја одложија таа одлука. Очекувано имајќи предвид дека Порше ќе ги задржи и бензинските мотори во својата гама. Исто така, моделите PHEV, за кои Долнер вели дека се „централен дел од портфолиото на патот кон целосно електрична понуда“, добиваат поголемо значење во гамата.

На истата конференција, Долнер ги најави и претстојните лансирања на модели за 2025 година: „Во моментов работиме на освежување на целата наша палета на модели, а до крајот на годината ќе го имаме најмладото портфолио во нашите пазарни сегменти“. Тој потврди дека новата генерација Q3 доаѓа ова лето и најави дека на 25 март ќе дебитира плаг-ин хибридна верзија на A5 како еден од 10-те нови PHEV модели што ќе бидат претставени оваа година.