И Алтернатива ќе се изживува во Собранието
Ако нема употреба на фингерпринт ќе размислуваме за бојкот на изборите, а ако не се усвои законот за државјанство – ќе ги блокираме сите закони што ќе стигнуваат во Собранието, најавува лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во разговор за Дојче Веле.
Алтернатива и нејзиниот коалициски партнер Алијанса за Албанците во јануари ја промовираа националната платформа „shtetesia.mk” (државјанство), преку која сите граѓани, без разлика на етничката припадност, ќе можат да го претстават нивниот проблем за добивање државјанство. Претходно, двете коалициски партии до Собранието поднесоа предлог-закон за државјанство, кој, според нив, треба да ги подобри процедурите поврзани со тоа прашање, односно да го подобри актуелното законско решние.
Гаши вели дека се незадоволни затоа што Владата не го прифатила нивниот предлог-закон, а ВМРО-ДПМНЕ го блокирала со амандмани.
„По ова прашање не се согласуваме ни со едните, ни со другите. Со ова не се подобрува ни пристапот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците. Прават голема грешка. Но, без разлика кој стои против нашиот предлог – закон, ние ќе бараме тој да помине. Децидни сме дека нема да попуштиме. И затоа секој закон што ќе доаѓа во Собранието ние ќе го блокираме“, најавува лидерот на Алтернатива.