И Али Ахмети сака да се гради патот Тетово – Призрен


Фото: Б. Грданоски

Албин Курти побарал, Али Ахмети се согласил.Косовскиот премиер го испрати министерот за транспорт Либан Алиу во Мала Речици на средба со лидерот на ДУИ. Наводно, целта на посетата била изградбата на патот Тетово – Призрен за кој зборуваше Курти за време на неговата контроверзна посета минатиот петок. И тогаш разговараше со лидерите на три опозициски партии. Кај Ахмети денеска дојде посета на министерско ниво. Ахмети изјави министерот Либан Алиу е дојден во земјава на средба со него по барање на косовскиот премиер Курти.

„Министерот Алиу е дојден по барање на косовскиот премиер Курти, со најдобра цел за продолжување на комуникацијата и соработката како што впрочем било и во минатото, со интерес за двете наши земји“ изјави Ахмети. На оваа прес конференција Ахмети не одговараше на новинарски прашања.

Косовскиот министер Алиу изјави дека веќе е изготвена физибилити студија за изградба на пат од Призрен до Тетово и дека сега проектот е во фаза на финансиски преговори.

„Ние сме во фаза на постигнување на финансиски договор за проектирање на заедничкиот тунел меѓу двете земји и потоа да пристапиме кон целосна реализација на проектот. Овој проект освен што ќе ги спојува Призрен и Тетово ги поврзува националните паркови на Шара од двете страни на границата“, изјави Алиу.