Хуманитарен концерт во чест на Даниел Милошески од „Авалон“ во Скопје
„Во спомен на љубовта за Данче” е насловен јубилејниот хуманитарен концерт закажан на 6 октомври во НОБ, во чест на 10-годишнината од смртта на еден од највлијателните и најпочитувани македонски музички менаџери и продуценти- Даниел Милошески – Данче од „Авалон“.
Неговата работа и посветеност ги поставија темелите на современата македонска музичка сцена, а неговата енергија, посветеност и неуморна работа ќе останат како инспирација за сите кои се дел од музичката индустрија.
Во негова чест и со единствена цел да се одбележи наследството што го остави, со почит и благодарност за сѐ што направи за домашната музика на 6 октомври во НОБ ќе пеат: Ареа, Агни Авшар, Ана и Стефан Петановски, Бени и Нон стоп, ДНК, Златно славејче, Кристина Арнаудова, Николче Мицевски, Поп арт бенд, Пајак и Лара, Слаткаристика.
Комплетниот приход од овој проект ќе биде дониран за здружението Асоцијација за цистична фиброза.
Влезниците се пуштени во продажба од денес преку продажната мрежа на Мктикетс и чинат 1000 денари.