Хрватскиот писател Свен Поповиќ на книжевна резиденција во Скопје

Писателот од Хрватска Свен Поповиќ моментално е на книжевна резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
Во рамки на престојот, Свен Поповиќ се запознава со книжевната сцена во нашата земја и остварува средби со уредници во издавачки куќи.
Поради епидемиолошките мерки нема да биде организирана книжевна
средба со авторот со присуство на публика, но издавачката куќа Готен ќе
подготви видео-разговор со авторот, кој ќе биде достапен на нејзиниот канал
на Ју-тјуб.
Свен Поповиќ е еден од најинтересните гласови од најмладата
генерација хрватски писатели. Роден е 1989 година во Загреб. Дипломирал
компаративна книжевност и англиски јазик и книжевност и американистика
на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува проза, книжевни и музички
критики.
Во 2015 година ја објавува својата прва книга, збирката раскази „Небо
во кал“, а во 2018 година го објавува романот „Убедливо втор“.
Прозата на Свен Поповиќ е интензивна комбинација од лирски
елементи и интерес за сировата стварност. Според хрватскиот критичар
Божидар Алајбеговиќ, Свен Поповиќ е создавач на проза со рокерска страст
и џезерска флуидност и мекост, со примеси на Хемингвеј, Бароуз, Штулиќ и
Вејтс меѓу редовите, а со Рамонс, Пејвмент, Строукс, Модести Моус и Иги
Поп во ушите.
Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на
програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа
за превод и книги „Традуки“.