Хрватскиот министер за здравство ќе остане еден месец во притвор


Истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб им изрече едномесечен притвор на поранешниот хрватски министер за здравство Вили Берош и на бизнисменот Саша Поздер, кои Ускок ги сомничи за корупција при набавка на болничка опрема.

Истрагата на Ускок го вклучи и шефот на загрепската невролошка клиника „КБЦ“ и член на управата на поликлиниката во Загреб, Крешимир Ротим, кој ќе се брани од слобода со кауција. Според медиумите, тој го признал своето учество во договарањето на работата, па обвинителството не побарало да биде приведен.

По спроведување на независна истрага, Ускок ги сомничи Берош, Ротим и Поздер за злоупотреба на положбата и овластувањата, тргување со влијание, примање мито, поттикнување незаконски услуги и давање мито, сето тоа како дел од злосторничко здружување и во врска со правни лица поради сомнение за давање и примање поткуп како дел од злосторничко здружување.

Според Ускок, Берош, Ротим и Поздер се здружиле за да продаваат медицински помагала од австриски производител на државни болници.

Притоа, посочува Ускок, Берош го искористил овластувањето како министер за здравство и како човек директно надреден од директорите на државните болници побарал од директорите да се сретнат со Поздер и да се погрижат тој да добие работа. Покрај тоа, Берош се сомничи дека со пари од државниот буџет му плаќал на Поздер за медицински помагала, а тие средства не биле предвидени во годишните планови за набавка. Исто така, Ускок се сомнева дека Ротим по налог на Поздер го наместил тендерот за набавка на медицински помагала за КБЦ, за Сестрите на милосрдието, како и за други постапки за јавни набавки.

Вили Берош, кој веднаш по објавувањето на случајот беше разрешен од премиерот Андреј Пленковиќ, денеска при влегувањето во судот, пред новинарите кажа дека не се чувствува виновен за обвинувањата и оти ги смета за неосновани.