Хрватскиот град, кој е на само час и половина од Загреб, дава 15.000 евра на младите да останат или да се преселат овде


Дури 15.000 евра можат да добијат млади семејства во Новска, хрватски град до Лоњско Поље, кој е на само час и половина од Загреб.

Градскиот совет на град Новска ја донесе оваа нова мерка со цел да им помогне на младите семејства да ги решат животните прашања.

Од Градот потсетија дека веќе имаат додатоци за новороденчиња кои се движат од илјада евра за прво дете, па се до дури 10 илјади евра за трето и секое наредно дете. Оваа нова мерка е од резиденцијален карактер, а ја презентираше, како и условите за нејзино добивање, градоначалничката Марија Кушмиш.

„Веруваме дека и овие мерки ќе вродат со плод и дека не само што ќе ги задржиме младите туку и ќе добиеме нови доселеници во нашата сакана Новска! Сакаме и нашите приградски населби да заживеат и семејствата да не го избегнуваат животот на село. Тоа е зошто ги опремуваме со комунални услуги, а со оваа мерка дополнително го поттикнуваме и решавањето на станбеното прашање“, рече таа.

Од Градот напоменуваат дека заинтересираните можат да добијат до 10.000 евра доколку купат или изградат/реновираат недвижен имот во градот, а дури и 15.000 евра доколку недвижниот имот се наоѓа во приградски населби во месноста Новска.

Услов е барем едниот брачен другар да не е постар од 40 години, а во Новска мора да престојува најмалку 10 години. Самохран родител е вклучен во категоријата младо семејство, но лицата кои го купуваат имотот не смеат да бидат поврзани со лицето што го продава имотот.

Дополнително, сумата би била вратена во текот на пет години. Доколку во овој период дојдат деца, преку оваа програма се планира продолжување и дополнително финансирање. За секое родено дете средствата ќе се зголемат за 2.000 евра, односно 3.000 евра за приградските населби и ќе се исплаќаат уште една година.

„Ова е уште една нова и единствена мерка во Хрватска со која сакаме да ја поттикнеме демографската обнова“, рече Кушмиш.

Семејствата на кои ќе им бидат доделени средства потребно е да го пријават своето место на живеење на адресата на купениот имот во рок од една година од потпишувањето на договорот за кофинансирање.