Хрватски ревизионизам – усташите не биле фашисти


 

После мега-концертот на Марко Перковиќ – Томпсон на загрепскиот хиподром Хрватска влезе во вител на што прикриено што јавно величење на усташкиот режим од Втората светска војна. Усташкиот поздрав „За дом спремни“ се извикува дури и во парламентот.

Едно видео на Фејсбук страницата на риечкиот огранок на десничарската партија Мост дополнително ја зовре ситуацијата.  Во него членот на Мост, историчарот Крешимир Ротим, објаснува дека „усташите не биле фашисти и не ги продале Истра, Кварнер и Далмација на Италија“. Тој исто така споменува дека во усташкиот логор Јасеновац биле пронајдени меѓу 440 и 600 тела.

Малку подоцна, Мост се дистанцира од контроверзната објава на Фејсбук, наведувајќи дека администраторот го објавил видеото без знаење на градската координација на партијата. „На страниците на Мост Риека, администраторот објави видео од историчарот Крешимир Ротим без согласност на градската координација. Ова е лично толкување на историчарот“.

Мост верува дека темите од Втората светска војна припаѓаат на полето на историската наука и ние отсекогаш сме се залагале историјата да им се остави на историчарите, кои треба слободно и независно да ги истражуваат сите аспекти од минатото, вклучувајќи ги и најчувствителните теми“, наведува Мост.

Денес, градоначалничката на Риека, Ива Ринчиќ, исто така се огласи на оваа тема на својот Фејсбук профил. „Како градоначалничка на Риека, но пред сè како граѓанка, јасно и безрезервно го осудувам секое релативизирање на усташкиот режим и злосторствата извршени во негово име. Затоа со длабока загриженост ги следам полемиките и реакциите на објавата на страницата Мост Риека.

Риека е град со богата и слоевита историја, но и град кој беше директна жртва на фашизмот. Исто така, мажите и жените од Риека храбро се спротивставија на фашизмот, и во Втората светска војна и во Татковинската војна.

Во нашиот град, антифашизмот не е фраза, туку основа на историскиот идентитет, отпорот и борбата за слобода. Објавувањето содржини што ги доведуваат во прашање историски утврдените факти за логорот Јасеновац или се обидуваат да ја намалат одговорноста на усташкиот режим е неприфатливо и опасно“, напиша Ринчиќ, додавајќи дека таквата содржина нема место во политичкиот простор на демократска и цивилизирана средина“.