Хрватската поп-ѕвезда Миа Димшиќ снима спот со Влатко Стефановски во Скопје
Миа Димшиќ (Осиек, 1992), една од најпопуларните млади кантавторки, која ја претставуваше Хрватска на Евросонг во Торино во 2022 година, деновиве е во Скопје. Поводот е снимањето на спотот за песната „Општествени правила“ со Влатко Стефановски, од истоимениот актуелен албум, кој го објави „Кроација рекордс“. Спотот ќе се снима на повеќе градски локации низ Скопје што ќе биде една музичка разгледница за македонскиот главен град.
И ова ново издание носи свежина, искреност и низа песни кои веќе ги освоија срцата на слушателите. Исто така, албумот носи спој на прекрасни балади и весели ритми кои и се добро познати на публиката, а на снимањето и се придружија интересни гости. Така, со Нено Белан ја отпеа песната „Ајмо и џир“, со Дорис Косовиќ „Узалуд ти све“, а насловната „Друштвена правила “ е создадена во соработка со виртуозот на гитарата Влатко Стефановски.
Димшиќ е воодушевена од Скопје, а исполнетата агенда со интервјуа за македонски печатени, тв и онлајн медиуми, зборува за нејзината популарност и кај нас.
Домаќин во Скопје на Миа е Иван Бечковиќ од „Кроација Рекордс Македонија“.
Миа лани го промовираше албумот „Монолог“ (Monologue), како издание на Croatia Records, воедно и прв на англиски јазик.