Хрватска загуби дел од најпознатата плажа: За сè е „виновен“ циклонот Борис
Познатата хрватска плажа Златни рат во близина на луксузното одморалиште Бол на островот Брач често го менуваше својот облик за време на есенските бури на Јадранот. Овој пат, сепак, како што пишува Morski.hr, се случило нешто поинаку.
Циклонот Борис во последните денови предизвикуваше проблеми со обилните врнежи во многу области, но на Бол на Брач му донесе нешто сосема друго. Имено, жителите на Бол и нивните гости забележале дека најпознатата хрватска плажа – Златни `рт целосно го променила својот изглед.
Ова воопшто не би загрижувало, бидејќи плажата годишно неколку пати го менува својот облик, да не се случеше овој пат буквално да недостасува голем дел од врвот на плажата, јавува денеска Далмација.
„Од тоа се плашев. Вакво нешто досега не сум доживеала. Климатските промени се големи и сега, за жал, овде имаме нова нормала“, истакнува една жена од Бол.
Други велат дека нема за што да се грижите бидејќи плажата ќе се „врати“ кога ветерот ќе дува во спротивна насока. Инаку, за разлика од вообичаените ситуации, во последните неколку дена воопшто немаше бурен ветер. Најсилните налети беа до 80 км/ч Доминираше ветрот Југо, а во петокот дуваше и западен ветер.
Морски струи, ветер и бранови
Плажата Златни рат во Бол на островот Брач е позната по својата способност да ја менува формата, што е резултат на природните сили. Обликот на оваа плажа „рог“ се менува поради комбинација од морски струи, ветрови и бранови. Овие сили постојано ги придвижуваат малите камчиња што ја покриваат плажата, предизвикувајќи врвот на плажата да го промени правецот. Некогаш е закривен налево, некогаш надесно, а по бури или силни ветришта може да настанат значителни промени во обликот.
Промените се најизразени на самиот врв на плажата, која во зависност од временските услови постојано се обликува и приспособува.
Овој феномен ја прави плажата Златни рат единствена атракција и симбол на непрестајната моќ на природата. Покрај тоа, плажата овозможува идеални услови за спортови на вода, како што се сурфање на ветер и китсурфање, бидејќи токму овие ветрови и струи создаваат поволни услови за такви активности.