Хрватска Горица се прости од Лазаров, нивен поранешен фудбалер кој почина по пожарот во Кочани

Хрватските медиуми пренесуваат дека фудбалскиот клуб Горица се прости преку социјалните мрежи од Андреј Лазаров (25), поранешен фудбалер на Горица и Рудеш кој почина во болница откако беше повреден во пожар на концертот на ДНК во кочанската дискотека Пулс.
Претходно денеска неговиот клуб Шкупи на социјалните мрежи објави дека е надвор од животна опасност, а истата информација ја добија и македонските новинари кои го контактирале семејството на фудбалерот. Но, околу 14 часот и 30 минути соопштија дека тој за жал починал.
„Нема зборови да се опише тагата што ја чувствуваме во овој момент кога соопштуваме дека Андреј Лазаров, нашиот поранешен играч, трагично почина по страотниот пожар што синоќа се случи во Кочани, Северна Македонија“, се вели во објавата.
View this post on Instagram
„Андреј помина седум месеци во нашиот клуб, но ние ќе го паметиме засекогаш и ќе го чуваме во нашите срца. „ХНК Горица изразува искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите членови на неговиот клуб ФК Шкупи“, напиша Горица на социјалните мрежи и се збогува со поранешниот играч.
Лазаров пристигна во Горица во јануари 2024 година од Рудеш, а за клубот одигра 14 натпревари. Минатата сезона забележа 13 настапи, додека во тековната SuperSport HNL сезона одигра еден натпревар пред да премине во ФК Шкупи во септември 2024 година.