Хрватска е против укинување на ветото во ЕУ

Зоран Милановиќ во Драч изјави дека тоа е и негова позиција и позиција на хрватската влада


Премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ

 

На самитот на Процесот Брдо-Бриони во Драч, претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, која е и копретседателка на Процесот, изјави дека оваа иницијатива „гради простор за дијалог“ и повика на побрзо и поефикасно приближување на земјите од Западен Балкан кон Унијата. Секој чекор во процесот на проширување бара консензус, што значи дека секоја земја-членка може да стави вето во секое време.

Пирц-Мусар изјави дека Словенија, заедно со Германија, се залага за користење на квалификувано мнозинство за отворање на одредени преговарачки групи или поглавја. „Се надевам дека сите 27 членки ќе ја разберат потребата од забрзување на процесот. Потребни се двајца за танго“, рече Пирц Мусар, со што не се согласи хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

„Оваа иницијатива на Словенија и Германија и некои други земји одредени одлуки да не се донесуваат едногласно, туку со квалификувано мнозинство, колку што знам јас, нема поддршка од хрватската влада, ниту пак мојата“, рече Милановиќ, јавуваат хрватските медиуми. Тој нагласи дека едногласноста „не се пушта“. „За мене тоа е инстинктивен начин на одбрана намалите држави од многу поголеми држави кои не нè разбираат и не нè гледаат. Не гледам ништо погрешно или злонамерно во словенечката идеја, а какви се германските мотиви, тоа е тема за други дискусии“, рече хрватскиот претседател.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова која учествува на самитот, укажа на неодржливоста на предолгото чекање на Западен Балкан пред портите на Брисел. Таа истакна дека е цинизам и хипокризија да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската унија.

Претседателката потенцираше дека годинава, за разлика од лани, Декларацијата е усвоена со консензус на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

За неа, соработката е неопходна заради решавање на заедничките проблеми, како: егзодусот на младите, опасноста од стагнирање на економијата и надминување на безбедносните предизвици.„Верувам во добрата волја, верувам во добрите намери, верувам во посветеноста на Хрватска и Словенија на процесот и нивната посебна одговорност кон регионот и неговото забрзано чекорење кон ЕУ“, заклучи Сиљановска-Давкова.

Додека претседателите на Хрватска и Словенија разговараа со претседателите на Албанија, Црна Гора, Србија, Северна Македонија и Косово за нивните европски перспективи, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека Унгарија не треба да ја усвои евровалутата затоа што Европската унија „се распаѓа“ и дека Унгарија не треба дополнително да ја врзува својата судбина за блокот.

Милановиќ вели дека ЕУ не се распаѓа и дека таа првенствено претставува „слободен пазар“. Тој верува дека „Велика Британија и нејзиниот естаблишмент, а потоа и нејзиното население, беа истерани од Европската унија пред девет години токму поради оваа трескавична потреба ЕУ постојано да расте – нови овластувања, нови буџети, нови комесари“.

„Тоа е лошо. Јас не сум верник во Европската унија, но ја прифаќам како многу добро продолжение на она што е мојата национална држава – демократска, отворена, инклузивна и тоа треба да се брани“, рече Милановиќ. Тој рече дека Орбан „има свој стил и методологија“ и дека тие не се согласуваат за сè, но дека „тоа не е причина да не се разговара“.

Тој истакнува дека при донесување тешки одлуки, треба да се земат предвид разликите и дека постои „акутна форма на миопија“ кога станува збор за европската перспектива на Украина, Молдавија и Грузија. „Мора да бидеме внимателни до кој степен го туркаме општеството во одредена насока. Не сум доволно храбар да се вклучам во тоа“, рече Милановиќ. Тој предупреди дека наративот на Европа е „сè повеќе црно-бел“.

„Штом ќе отворите уста, сте проруски настроени. Тоа е говор на омраза и не значи ништо само по себе, но за жал стана модел за Брисел дека не можете да водите дијалог, да водите политика и да создадете обединета Европа“, смета Милановиќ.