Христовски нема сертификат од НАТО, туку даден од АНБ, вели СДСМ


Богданка Кузеска

 

Опозициската СДСМ денеска соопшти дека наводниот сертификат даден од НАТО на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, бил манипулација. И дека таквите сертификати ги издава токму АНБ, а не НАТО.

„Ова е намерна манипулација за да се одбегнат одговорите на суштинските прашања а тоа е дали Христовски воопшто ги исполнува условите да биде на оваа висока позиција.

Прво, проверките за издавање на безбедносни сертификати ги вршат исклучиво домашните безбедносни институции, а тоа се АНБ и МВР. 

Постапката е јасно дефинирана: институцијата каде што работи лицето доставува барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, по што се спроведуваат потребните проверки. А тие проверки за цивилни лица ги спроведуваат АНБ и МВР, а не НАТО.

Значи во случајот со Бојан Христовски, токму АНБ каде што тој е именуван за диркетор поднела барање и токму АНБ спровела безбедноста проверка на својот директор. Ова ја открива целата манипулација на власта.

Прашањето е зошто по секоја цена, по сите можни скандали, власта го турка Христовски и ревносно го штити. Христовски беше именуван за директор на АНБ без соодветен безбедносен сертификат од ниво ‘државна тајна’. Согласно член 10 став 1 од Законот за АНБ безбедносниот сертификат е услов за да биде именуван за директор.

Сѐ уште е отворено прашањето и за сертификатот за англиски јазик од Пловдив Бугарија, од непосточека агенција.

Отворено е и прашањето за валидноста на дипломата на Христовски. Одлуката на ДКСК е целосно компромитирана и затоа Јавното обвинителство не смее уште да молчи.

ДПМНЕ создава паравласт, ги крши законите за да ги партизира безбедносните институции“, изјави на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа рече дека СДСМ ќе инстистира на правна разрешница на овој случај.