Христов: Притисоци од политичари, доктори и бизнисмени за чие дете да игра фудбал


Новиот прв човек на фудбалските младински селекции, Ѓорѓи Христов, отворено зборуваше за предизвиците што ги наследува и ја најави решителната заложба да се стави крај на корупцијата и притисоците кои со години го разјадувале системот, јавува Спорт1.

Тој ги откри работите кои се правеле за време на претходното раководство на ФФМ, а за Академијата за фудбал најави дека веројатно ќе биде затворена, а ако остане, ќе се трансформира и ќе се обнови зградата.

„Селекторите во минатото се жалеа на директни притисоци – од раководството, од политичари, бизнисмени, дури и од доктори и новинари. Тоа време завршува. Секој селектор кој ќе почувствува притисок од било кого – треба веднаш да пријави до мене,“ истакна Христов, додавајќи дека заедно со Горан Пандев, Филип Најдовски и Арјан Ибраими ќе стојат цврсто зад секој што работи чесно.

Христов е категоричен за една работа.

„Ќе се залагаме да се искоренат сите форми на влијание. Ќе добие шанса секое талентирано дете, а ќе играат само најдобрите – без разлика на потекло, врски или препораки“, додаде техничкиот директор.

Тој посочи дека во минатото биле правени огромни штети со наметнување на играчи кои не биле селектирани по квалитет, што негативно се одразувало и на развојот на оние кои навистина заслужувале.

„Друго е кога сите се избрани според квалитет – тогаш има фер конкуренција и вистински напредок“, дополни поранешниот напаѓач.

Новото раководство ќе инсистира на селекции со длабочина – по 30 квалитетни деца во секоја генерација, а ќе се работи и на организирање пријателски натпревари со силни селекции.

„Тоа е единствениот пат до вистински развој“, порача Христов.

Тој предупреди дека промените нема да се случат преку ноќ.

„Некои се навикнати да работат под притисоци и во корупција. Веројатно некои и ќе продолжат да се обидуваат, но наша заложба е најмалку 50-отсто од тој систем да се искорени уште на стартот,“ додаде директорот.

Во однос на скатутингот, Христов најави фокус на домашната сцена.

„Ќе се насочиме кон децата што играат во Македонија. Тие кои се надвор, а со македонско потекло, мора да бидат барем двапати подобри од домашните. Не сакаме да нè користат како скок-дестинација за билдање на својот рејтинг“, дециден е Христов.

Тој појасни дека вратите се отворени само за оние кои вистински отскокнуваат, говорејќи за талентите од дијаспората.

„Не станува збор за деца кои направиле трансфер во странство од Македонија – туку за играчи со реален потенцијал, а не декларативна поврзаност со земјава“, рече Христов.

Првиот човек на младинските селекции на крајот потенцира дека Академијата најверојатно ќе биде затворена, што претходно го најави и претседателот Масар Омерагиќ, но ако на крајот биде решено да продолжи да работи тогаш таа целосно ќе биде трансформирана.