Храната од локалните земјоделци почна вистински да се цени поради кризата, а се продава на Фејсбук

Никој веќе не сака храна со хемикалии и пестициди, туку овошје и зеленчук произведени во малите бавчи и овоштарници и органски третирани


БИТОЛА – Храната произведена од локалните земјоделци почна вистински да се цени и сѐ повеќе да се бара. Сега малите земјоделци и не мора да одат на пазар, храната им се нарачува преку Фејсбук и Инстаграм, а потрошувачите дома ја добиваат преку доставувачи на пратки.

Александра Лозановска од Демир Хисар е регистриран земјоделец, пред сѐ претприемач и основач на „Моја бавча“, производител на домашна, органска храна. Лозановска е дипломиран машински инженер на Техничкиот факултет во Битола, но како што вели и покрај тоа што се занимавала со многу работи во својот живот, никогаш не нашла работа според дипломата. Затоа пак, во последните три години се занимава со производство на органска храна, зеленчук, овошје и билки. Од нив прави блага и солена зимница со неверојатни вкусови. За нејзините производи нема потреба од реклами или пазар, купувачите ги нарачуваат преку социјалните мрежи за пристапни цени.

„Се сами произведуваме од семка до готов производ во тегла. Идејата ни беше дека секој еден наш граѓанин може да дојде до здрава храна, а не само ние од село. Ги ‘засукавме’ малку повеќе ракавите, бидејќи производството бара повеќе труд и стигнавме до продажба. Сѐ се исплаќа ако нудиш нови идеи и вкусови. Сѐ е органско од мојата бавча, и зеленчукот и овошјето и билките. Правам ајвар и традиционална зимница, посебни џемови од домат, благо со пиперка и темно чоколадо. И сето ова го нудам на социјалните мрежи и завршува на вашите трпези“, вели Лозановска.

Претприемачкиот дух на оваа наша рурална жена отишол и чекор понапред, па таа стапила во контакт со туристички агенции, кои странските туристи ги носат во Демир Хисар, за сами да видат како се произведува овошјето и зеленчукот. Сами да си наберат од бавчата и кај Александра во дворот да си зготват ручек со органски намирници.

Лозановска денеска беше дел од третата по ред манифестација „Незаменливиот вкус на традицијата“ во организација на Здружението за едукација на земјоделците „Зелена берза“ што се одржа во Битола. Манифестацијата на која учествуваа над дваесеттина излагачи беше помогната од Министерството за земјоделие и имаше за цел да го промовира малиот локален земјоделец, производител на здрава храна и поддржувач на традиционалната македонска кујна.

 

„Храната од ситните земјоделци не само што е здрава, туку е и поевтина од маркетите и поприфатлива за семејниот буџет во услови на економска криза. Никој веќе не сака храна со хемикалии и пестициди, туку овошје и зеленчук произведени во малите бавчи и овоштарници и органски третирани. Домашно сирење, биено сирење и кашкавал поздраво и поевтино од маркетите. И не само ова, туку храната приготвена од нашите земјоделците, вештите раце на руралните жени кои најдобро ја претставуваат традиционалната македонска кујна каде има селско зелниче, мазниче, питулици, зимница, ајварче, џем и сокче од сезонско овошје. Оваа храна се повеќе е на цена, дури сега во овие услови ја добива вистинската вредност“, рече Олгица Трендафиловска, претседател на ЗЕЗ „Зелена берза“ Битола.

Виолета Јанеска од селото Бистрица обработува два хектари овошни насади и дел од производството и е наменето за производство на џемови и природни цедени сокови. Вели дека мајките ги купуваат нејзините сокови оти знаат дека се само чисто овошје и малку шеќер па ги складираат за зимница.

„Има разлика од храната што ќе ја купите во маркет и оваа нашата собрана од бавча, па на трпеза. Нашите производи немаат конзерванси и ништо што би било штетно по здравјето. Купувачите веќе знаат што сакаат да консумираат и веќе ме наоѓаат на Фејсбук, по групите за храна, сега така одат работите, веќе не мора да одиме на пазар“, вели Виолета.

Производство на органска храна и подготовка на традиционална македонска храна веќе е избор и на битолски пензионери, кои по пензионирањето си заминуваат на село и произведуваат храна.

 

Една од нив е Верица Бутлевска од „Вила Бутлевски“ која на потегот меѓу потпелистерските села Кажани и Ѓавато почнала да произведува овошје и зеленчук и да подготвува здрава храна за најавените гости.

„По пензијата почнав да се занимавам со земјоделие, од семе до готов производ. Луѓето поминуваат и прашуваат дали имаме домати, пиперки и си купуваат директно од бавча. Самите гледаат дека е природно, убаво, без хемикалии. Од планината бериме и печурки вргањ, и готвиме се што ќе посакаат. Не бараат на социјалните мрежи и си продаваме. Од градска станав земјоделец “, вели Бутлевска.

На саемот се претставија и производители на домашни тестенини, домашно пиво, мед и сирење, а можеше да се вкуси и козјото сирење на Давид Неделковски од селото Раштак. Со вкусни традиционални рецепти се претставија и вештите жени од Организација на жени Битола како и од Здружението на жени „Силата на бабата“ од општина Новаци.