Хотел на море за само 160.000 евра: Грците масовно продаваат недвижнини


Во моментов на северот од Грција се продаваат околу стотина хотели, а најевтиниот поголем објект со базен и поглед на море може да се купи за половина милион евра, пишува магазин.новости.рс.

На грчките интернет страници за недвижнини во моментов има исклучително богата понуда на грчки хотели во северниот дел на земјата, а најголем број објекти се на Халкидики. Цените се неверојатни и почнуваат од 160.000 евра, пренесува „Блиц“. Овој објект се наоѓа во Врасна, има само четири апартмани и е оддалечен 200 метри од морето. Од 300.000 до половина милион евра чинат објекти со дваесетина соби и базен.

Поволно се продава хотел во Неа Мармарас, за 1,5 милиони евра. Хотелот има две згради, 44 соби, рецепција, базен, прекрасен поглед кон морето и делумно е реновиран, пишува порталот.

Во Полихроно се продава хотел за 2,1 милиони евра. Овој хотел има 41 соби и е изграден во 1990 година.

За три милиони евра, може да се купи понов хотел, но има само 25 соби. За хотели на самиот брег, цените се повисоки и за такви објекти треба да издвојат пет милиони евра. Таков хотел на брегот на Касандра со 22 соби чини 5,5 милиони евра.

Понов хотел на истиот дел на Халкидики со 28 соби чини поскапо – девет милиони евра. Поголем хотел со 130 соби на Халкидики може да се најде за околу 11 милиони евра. Додека уште поголем објект со 150 соби е поскап за еден милион евра, пишува порталот Магазин Новости.