Хорор во училиште во САД: Шестгодишно дете со пиштол застрела и тешко рани наставничка
Шестгодишно момче застрела и рани наставничка во основно училиште во американскиот град Њупорт Њуз, Вирџинија во петокот, соопшти полицијата, а локалните власти ветија дека ќе најдат одговори на сите клучни прашања за да спречат ваков инцидент да се повтори.
Наставничката, во нејзините 30-ти, се здобила со повреди опасни по живот, но нејзината состојба е малку подобрена, изјави началникот на полицијата Стив Дру.
Се уште не е познато како шестгодишното момче стигнало до пиштолот. Полицијата соопшти за „расправија“ во училница во прво одделение која резултирала со еден истрел.
„Тоа не беше случајно пукање“, рече Дру. „Сакам да знам од каде е тоа огнено оружје“, додаде тој.
Нема повредени меѓу учениците кои заради нивна безбедност се пренесени во спортската сала каде што им се на располагање психолози и социјални работници, рече Дру.
„Учениците се безбедни. Тие комуницираат со полицајците, со кои се забавуваат и го поминуваат времето, за да се вратат кај родителите под училишна придружба“, рече тој.
„Она што можам да ви кажам е дека градскиот совет ќе започне целосна истрага, заедно со училишниот одбор и другите актери, но и ние ќе ги преземеме вистинските чекори и конкретни политики за да не се повтори нешто вакво“, истакна градоначалникот Филип Џонс на прес-конференција.
Училишниот началник Џорџ Паркер изјави дека е „шокиран“ и „обесхрабрен“ од овој настан, по што истакна дека наставниците не можат да спречат оружје да влезе во училиштето.
„Мораме да го чуваме оружјето колку што е можно подалеку од дофатот на младите. Ниту јас, ниту моите наставници не можеме да го контролираме пристапот до оружје“, истакна Паркер.
Паркер додаде дека сите училишни кампуси се опремени со детектори за метал кои вообичаено се користат за случајни пребарувања, но тие не беа распоредени во основното училиште во петокот.