Хонге: Направете ги уставните измени за да ѝ речеме на Бугарија да престане да ве малтретира

Мојот совет е - сменете го Уставот и другите земји членки ќе бидат солидарни со вас во спорот со Бугарија, вели во разговор за „Независен“ Карстин Хонге, заменик-спикер на президиумот на данскиот парламент


 

Време е ЕУ да направи место за Северна Македонија за таа да стане членка на Унијата – порача во интервју за „Независен“ Карстин Хонге, заменик-спикер на президиумот на данскиот национален парламент од редовите на Социјалистичката народна партија, која е дел од европските зелени партии. Неговата препорака е што побргу да се усвојат уставните промени, за да можат да се солидаризираат со нас земјите членки и да и порачаат на Бугарија дека треба да престане да ја малтретира Македонија со прашања за кои нема интерес во ЕУ. 

„Верувам дека е голема дилема за вас прашањето дали да се направат уставните промени. Ова е еден вид замка од која е тешко да излезе вашата држава. Вие толкупати го сменивте Уставот – за да го смените името на државата, за да ги вклучите етничките заедници… Јас сум импресиониран, но ја разбирам и вашата фрустрација дека секогаш има нови, и нови, и нови  пречки и дека многу луѓе кај вас не сакаат да и се попушти на Бугарија и наедно се прашуваат – што ќе биде следното? Не можете да не се плашите дека, ако го смените Уставот и ги вклучите Бугарите во него, нема да се соочите со нова пречка која повторно ќе ви го блокира патот кон ЕУ. Сепак, мислам дека е добра идеја да го направите тоа, бидејќи кога ќе го направите, останатите земји членки на ЕУ и особено Франција ќе мораат  да ви испорачаат нешто. Тие, исто така, ќе можат да се обединат во притисокот кон Бугарија и ќе можат  да и порачаат: ОК, сега Северна Македонија го испочитува вашето барање и време е да престанете со блокадата, бидејќи ова што го правите е малтретирање и нема ништо заедничко со реал политиката на Унијата. Дека, без оглед што и да мисли за историјата,  Северна Македонија треба да биде дел од Унијата. Мојот совет е, затоа, сменете го Уставот и другите земји членки ќе бидат солидарни со вас во спорот со Бугарија“, порача Хонге. 

Околу дилемата дали треба да брзаме или е попаметно да го оставиме ова прашање  за решавање по изборите, Хонге оцени дека подобра идеја е тоа да се направи претходно. Потоа им прати порака на политичките партии: 

„Земете здив и исполнете го барањето на Бугарија. Повеќе од разумно е да очекувате потоа  солидарност од земјите членки и дека тие ќе и порачаат на Бугарија да престане да ги малтретира соседите со историски прашања или со што и да е друго што сака да стави на маса, бидејќи тоа не е интерес на Унијата“, вели Хонге. 

Тој сепак нагласи дека постои замореност во ЕУ по кризите низ кои помина, од излегувањето на Велика Британија од членството па натаму, и дека сега се обидува да застане повторно на свои нозе, така што нови проблеми внатре не и требаат. 

„Македонија не врши притисок на соседите, но во ЕУ гледаме сепак регион во кој земјите имаат долга историја на омраза меѓу себе. Не можете да очекувате  дека ќе ве примиме во ЕУ и ќе ви дозволиме да ги внесете проблемите внатре. Треба да постои подготвеност тие да се решаваат и притоа Северна Македонија можеби  ќе им го покаже патот на другите земји во регионот, место да тврдат – ние сме во право, соседите грешат. Тоа се ваши проблеми, решете ги пред да влезете во Унијата, зашто не е воопшто примамливо да примаме во членство држави што немаат добри односи со соседите  и нивните проблеми да станат проблеми на ЕУ“, вели Хонге.

Дали перспективата за членство во ЕУ е реална или ни се подготвува супституција за тоа, со оглед на дебатата што се отвори во Унијата за внесуваме на нови елементи во тој процес,  беше следното прашање за кое Хонге одговори дека и тој, и неговата партија ја поддржуваат идејата за внесување скалила во процесот, кој ќе гарантира дека реформите ќе се наградуваат, но и дека копенхашките критериуми нема да се исполнуваат само пред прием, а кога земјите ќе влезат во членство демократски ќе назадуваат, посочувајќи ја како пример пред се Унгарија.

„Најголемиот бран на проширување на ЕУ со 10-те земји членки се случи многу брзо и не му претходеше никаков процес. Затоа, јас ја поддржувам идејата Северна Македонија да стане членка, но тој процес да се оствари преку  еден вид скалила кои ќе вклучат не само исполнување на копенхашките критериуми туку и  процес преку кој ќе се добиваат поени. Една од  лекциите што ја научивме од премот на Бугарија и на Романија беше дека можеби тоа се направи многу брзо и дека треба да го спречиме ова што ни се случува сега со Унгарија , т.е. оваа култура на поигрување  со демократијата и со владеењето на правото. Да можеме да им порачаме на земјите членки дека ќе треба да го почитуваат владеењето на правото не само кога влегуваат во ЕУ, туку и откако ќе станат земји членки. Ова ни креира сега многу проблеми и затоа мора да се осигураме  дека нема повторно да видиме такво однесување, од Северна Македонија или од другите новопримени земји членки“, вели Хонге.  

Запрашан кој ќе биде, според него, најголемиот предизвик со кој ќе се соочи Македонија ако ги почне преговорите, тој посочи на економијата и прилагодувањето на единствениот европски пазар, пресметката со корупцијата и справувањето со сивата економија, покрај воспоставувањето на владеењето на правото во државата. За тоа, пак, како  ја гледа ЕУ за десетина години Хонге  вели дека ја гледа проширена и поподготвена да си ја гарантира  одбраната бидејќи САД се повеќе се преокупирани со Пацификот и Кина. Според негова оценка, САД ќе бидат присутни во Европа додека трае кризата со Украина, е ЕУ треба да се навикне дека кога ќе заврши таа, ќе мора да се грижи самата за својата одбрана и да го засили европското крило во НАТО. Тој исто така отфрли секаква можност земјите членки да водат самостојна политика кон Кина и Русија, посочувајќи дека предизвиците ќе бидат не само воени туку и економски. Хонге имаше особено црна слика за напливот на мигрантите од Северна Африка и од Азија во Европа, оценувајќи дека ова што го гледаме сега е само врв на брегот, прогнозирајќи дека границите на ЕУ во наредните години ќе се најдат под силен мигрантски притисок и дека ако нешто заеднички не се направи околу тоа, европските земји ќе бидат уништени од внатре.

„Ова ќе бидат големи предизвици за ЕУ. Земјите членки  треба да решат кој може да влезе а кој не, секако со почитување на европските повелба за човекови права“, рече Хонге.