Холштајн: Сите знаеме дека отворањето на преговорите со ЕУ е повеќе од заслужено за Северна Македонија


Германската амбасадорка во земава, Анке Холштајн, изјави денеска во Скопје дека се надева дека ќе успеат напорите за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, како и дека тоа е повеќе од заслужено. 

„Јас сум убедена дека тоа ќе успее, како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум и лично убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека за Северна Македонија отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи“, изјави Холштајн одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата по потпишувањето на договор за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција, меѓу ЕСМ и германската КфВ банка.

Таа беше запрашана дали има придвижување на процесот и што може да се очекува во март, откако и покрај големите напори кои ги вложи Германија за време на нејзиното претседателство со ЕУ, сепак, не беше донесена преговарачката рамка за Северна Македонија.

„Отворањето на претпристапните преговори помеѓу ЕУ и Северна Македонија беше една од нашите најважни цели за време на претседателствувањето на Германија. Ние можевме да дојдеме до спогодба со 26 земји, но за такво нешто е потребна согласност од сите 27 земји. Остануваме и понатаму посветени, има разговара кои што се водат на високо ниво меѓу германската влада и сите вклучени страни. Работиме секако тесно со португалското претседателство заедно, а ги охрабруваме и Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на можно конкретно широко поставување на агенда која што покаже дека двете земји работат заеднички. Ова практично ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред и да дојдеме до согласност на сите 27 земји членки за да може да ја одржиме првата конференција за пристапување“, рече амбасадорката Холштајн. (М.Ј.)