Холштајн: Отворањето на преговорите со Северна Македонија е во интерес на сите


Германската амбасадорка Анке Холштајн  ја реафирмира позицијата на Германија дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија за време на нивното претседавање до крајот на годинава и оти тоа е во интерес на сите вклучени страни.

-Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство во рамки на процесот на проширувањето и ние цврсто се придржуваме кон таа цел. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Се уште постои малку време. Во интерес е на сите  вклучени тоа да се случи. И ние сме оптимисти, изјави на новинарско прашање амбасадорката Холштајн по работниот појадок во МНР организиран од Македонско-бугарското копретседателство со Берлинскиот процес.

Прашана за коментар за најавите од опозицијата дека до колку дојде на власт би ги поништила сите евентуални договори со Бугарија во однос на недоразбирањата, амбасадорката Холштајн рече дека не е мудро да се коментираат вакви изјави.

-Не мислам дека е мудро да го коментирам ова. Како германско претседателство веруваме во вистинскиот европски дух на сите членки во ЕУ и веруваме дека отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија е во интерес на сите инволвирани вклучувајќи  и ја Република Бугарија која отсекогаш била силен  поддржувач за европеизација на целиот регион. Во интерес на Бугарија е да ја зачува оваа репутација како силен поддржувач на регионот и лично верувам дека тоа ќе се случи, вели Холштајн.

Во однос на забелешките изнесени од поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере дека  ЕУ не прави доволно за да им помогне на Македонија и Бугарија да изнајдат решение, германската амбасадорка рече дека ЕУ не треба да се вмешува во, како што вели, разлики помеѓу земја членка и земја кандидат за членство.

-Билтералните прашања треба да се решавааат на  билетарална основа, порача германската амбасадорка Анке Холштајн.