Холандската амбасада демантира: Лажна вест е дека го поддржуваме ветото на Бугарија
Холандија сметаше и сѐ уште смета дека Северна Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом се усвои преговарачката рамка, се вели во реакцијата од холандската амбасада во Скопје
Известувањата во некои медиуми дека Холандија ѝ дала поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ се целосно неосновани и лажни вести, реагираа од холандската амбасада во Скопје.
„На 30 октомври 2020 година, владата на Холандија го информира холандскиот парламент за својата одлука дека првата меѓувладина конференција за Северна Македонија може да се одржи. овој став останува, се разбира, непроменет. Холандија сметаше и се уште смета дека Северна Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом се усвои преговарачката рамка,се вели во соопштението на амбасадата.
Претходно, бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија. Друг бугарски медиѕум , пак, објави дека Бугарија не е изолирана околу ветото и дека зад нивната позиција застанале Франција, Холандија и Грција, така што очигледно станува за намерни шпекулации во медиумите заради манипулирање на домашната јавност.
„24 часа“ пренесува и дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, претходно, напиша на фејсбук дека Бугарија не е сама во ветото за С Македонија и дека има поткрепа од уште најмалку две членки на Европскиот совет.