„Хјуман Рајтс Вотч“ го обвини Израел за спроведување воени злосторства во Газа


Израел користи евакуација за да продолжи со намерно и масовно принудно раселување на палестинските цивили во Газа, стои во извештајот на Хјуман рајтс воч (Human Rights Watch), во кој се вели дека таа политика доведува до злосторства против човештвото. Групата, со седиште во САД, додаде дека собрала докази кои сугерираат „воено злосторство за насилен трансфер (на цивилното население)“, опишувајќи го сето тоа како „сериозно кршење на женевските конвенции и кривично дело според Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд“.

Извештајот е објавен во време на сѐ поголеми докази дека Израел ги забрзува своите напори да го пресече Појасот Газа на два дела, со тампон зона, и да гради нова инфраструктура за поддршка на продолженото воено присуство, со зголемено темпо на уривања и на уништувања.

Жителите во северниот дел на Газа изјавија дека израелските сили ги опсадуваат раселените семејства и преостанатото население, кое изнесува неколку илјади жители според некои проценки, наредувајќи им да се упатат кон југ, преку контролен пункт што одвојува два града и преку бегалски камп во градот Газа.
Мажите се задржани на испрашување, додека, пак, на жените и на децата им е дозволено да продолжат кон градот Газа според тврдењето на жителите и на палестинските медицински лица.

Повикувајќи го Меѓународниот кривичен суд да ја истражи политиката на израелското принудно раселување, „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) повика и на насочени санкции против Израел, вклучително и прекин на продажбата на оружје.

Наредбите за евакуација на Израел доведоа до раселување на повеќе од 90% од населението – 1,9 милиони Палестинци – и широко распространето уништување на голем дел од Газа во последните 13 месеци. Извештајот на ХРВ е во целосна спротивност со оценката на американскиот Стејт департмент, претходно оваа недела, дека Израел не ги прекршил американските закони за блокирање на снабдувањето помош по истекот на рокот од 30 дена што му го даде на Израел за да го зголеми пристапот до хуманитарна помош во Газа или да ризикува прекин на одредена воена помош.

Четвртата Женевска конвенција пропишува дека на територијата окупирана од војници раселувањето на цивилите мора да се случи само во исклучителни околности поради „императивни воени причини“ или заради безбедноста на населението и бара заштитни мерки и соодветно сместување за раселените цивили. Водечките принципи на ОН за внатрешно раселување наведуваат и дека во сите околности страните во конфликтот мораат „да спречат и да избегнуваат услови кои можат да доведат до раселување лица“.И покрај тие услови, Израел постојано користи наредби за евакуација – во Либан, како и во Газа – за присилно раселување на цивилите, иако наредбите за евакуација немаат правен статус.

„Израел тврди дека раселувањето на речиси целото население на Газа е оправдано поради безбедноста на населението и поради императивни воени причини, а и дека ги презел потребните чекори за заштита на цивилите“, се вели во извештајот.Бидејќи палестинските вооружени групи се борат меѓу цивилното население, тврдат израелските власти, војската ги евакуирала цивилите за да може да ги таргетира борците и да ја уништи инфраструктурата на групите, како што се тунелите, истовремено ограничувајќи ја штетата на цивилите, така што масовните раселувања биле законски.

„Но, наместо да ja гарантираaт безбедноста на цивилите, воените ‘наредби за евакуација’ предизвикаа сериозна штета. Израел не ги евакуираше палестинските цивили во Газа заради нивна безбедност бидејќи тие не беа безбедни за време на евакуациите или при пристигнувањето во одредени безбедни зони. Израел убедливо тврдеше дека има воен императив да ги принуди повеќето палестински цивили да ги напуштат своите домови“, се вели во извештајот.

Според меѓународното право, Израел, како окупаторска сила во Газа, има законска обврска да го олесни враќањето на раселените лица во нивните домови, во областите каде што воените дејствија се прекинати. Наместо тоа, се вели во извештаите, Израел направил големи области на Газа да станат непогодни за живеење со уривање, намерно уништување или со сериозно оштетување на цивилната инфраструктура, вклучително и на училишта, верски и на културни институции, дури и откако непријателствата во голема мера престанале во одредена област.ХРВ додаде дека и трајното раселување на цивилите, за да се создадат воени тампон зони во Појасот Газа, ќе значи етничко чистење.

Според извештајот на левичарскиот израелски весник „Хаарец“, израелските сили во Газа расчистуваат големи области со очигледна намера да останат на територијата барем до крајот на 2025 година. Весникот објави дека „борбениот графикон за 2025 година“, дистрибуиран во последните недели до израелските војници и команданти во Газа, опишува „изложување големи области“ во крајбрежниот појас: уништување на постојните згради и инфраструктура, покрај изградбата на патишта и подготовките за изградба на повеќе постојани воени објекти.

– Израелската влада не може да тврди дека ги чува Палестинците безбедни кога ги убива на маршрутите за бегство, ги бомбардира таканаречените безбедни зони и ги прекинува храната, водата и санитарните системи – изјави истражувачката за правата на бегалците, Надја Хардман, која е дел од тимот на ХРМ што го напиша извештајот.Израел, вели таа, отворено ја прекрши својата обврска да им обезбеди на Палестинците можност да се вратат дома, уништувајќи практично сè што постоеше во големите области.

– Се повторуваат сцените од катастрофата во 1948 година. Израел ги повторува своите масакри, раселување и уништување. Северна Газа се претвора во голема тампон зона. Израел врши етничко чистење пред очите на импотентниот свет – рече 48-годишниот Саед, жител на Беит Лахија кој пристигна во градот Газа во средата.

Саед реферира на арапско-израелската војна на Блискиот Исток во 1948 година, која ја роди државата Израел и доведе до раселување на стотици илјади Палестинци од нивните матични градови и села. Јоав Галант, сменетиот министер за одбрана на Израел, наводно им рекол на семејствата на заложниците дека нема причина ИДФ (Израелските одбранбени сили) да останат во Газа.