„Хјуман рајтс воч“ го осуди приведувањето на градоначалникот на Истанбул


Анкара – Директорката на „Хјуман рајтс воч“ за Турција, Ема Синклер-Веб, го осуди приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, како и на повеќе високи претставници на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), оценувајќи го како „очигледна злоупотреба на судскиот систем“.

Според Синклер-Веб, овие апсења се дел од „моделот на политички мотивирани истраги“ со кои властите настојуваат да ја ослабат опозицијата. Таа побара итно ослободување на Имамоглу и останатите приведени во полициската операција во Истанбул.

Турската влада ги негира обвинувањата дека со ова се врши притисок врз политичките противници на претседателот Реџеп Таип Ердоган, тврдејќи дека судскиот систем е независен.

Главното обвинителство во Истанбул поднесе обвиненија за „корупција, примање мито и соработка со терористички групи“ против Имамоглу и уште над 100 лица. Тој е сметан за потенцијален кандидат на ЦХП за претседателските избори, иако официјалната одлука треба да биде донесена на 23 март.

Редовните претседателски избори во Турција се закажани за мај 2028 година, но ЦХП и други опозициски партии бараат предвремени избори, наведувајќи ја економската криза и високата инфлација како главни аргументи.

На локалните избори на 31 март минатата година, партијата на Ердоган – Партијата за правда и развој (АКП) – доживеа историски пораз, губејќи ја власта во повеќе големи градови, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара.