Хип-хоп магијата на Мурад Мерзуки го воодушеви Скопје – се славеа два јубилеја
Скопје синоќа го виде ексклузивно танцовиот перформанс „Мозаик“ на славниот француски кореограф со светско реноме Мурад Мерзуки и француската театарска група „Кафиг“ како достојно прославување на два големи културни јубилеја кај нас, 50 години постоење на Францускиот институт во Скопје ( најстар странски културен институт кај нас) и затворањето на јубилејното 20-то издание на „Танц фест“.
Гала настанот кој собра убав свет од сите сфери на живеење и претставници на дипломатскиот кор беше ушто помоќен со фактот што Мерзуки, е кореограф на официјалната церемонија на отворање на Олимписките игри 2024, во Париз, насловена „Танцот на игрите“.
Всушност, по огромниот успех на танцовиот перформанс „Пиксел“ во 2017 година во рамките на „Танц фест“, Мурад Мерзуки и групата „Кафиг“ се вратија во Скопје со светската премиера на нивниот најнов танцов спектакл „Мозаик“.
Гостите, синоќа, во барокниот МНТ ги поздравија Директорот на Францускиот институт Иго Бештел и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и Рисима Рисимкин, која најави дека се повлекува од позицијата на уметнички директор на фестивалот.
Во текот на изминатите триесетина години Мурад Мерзуки вистински придонесе кон развојот на хипхопот и го зацврсти местото на овој танц во светот на современата кореографија.
Публиката, синоќа, со петмина изведувачи на сцена, низ бокс, циркуски точки, класична музика и воздушни танци, патувајќи од една креација кон друга, беше принесена во нов универзум, кој сам по себе е единствен, поетски и визуелен. Секоја танцова точка беше производ на навидум неочекувани танцови средби. Секој на свој начин се движеше по патеките, ги заобиколуваше клишеата, ги надминуваше естетските граници и ги откриваше новите перспективни на хипхопот. (Л.С.)