Химната треба да остане иста, за грбот не е време, вели Сиљановска


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се вклучи денеска во наметнатата дебата околу промената на грбот на државата, велејќи дека сега не е време за такви расправи. Таа смета дека химната нема потреба да се менува. Сиљановска стравува дека дебатата за грбот може да предизвика нови конфикти.

„Точно е дека тој има симболи кои укажуваат повеќе на географијата отколку што на нешто што е белег на историјата. Имам само дилема околу отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен бил лавот на златна позадина. Но, мојата е дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи итн, со таква страст тоа го правиме, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба да се адаптираме на драматичните промени. Се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти“, рече Сиљановска.

Според неа, химната ја одразува историјата на Македонија и нема што да се менува.

Во однос на химната таа вели дека „таа не одразува сегашност, секогаш изразува историска меморија, генеза и ние немаме право да менуваме. Не сум чула да менуваат луѓе, дури и во рамките на Европската унија, во обидот да се донесе Уставот во 2005 година во ЕУ, беше предвидена химна, ама не дојде до тоа. Сите народи низ историјата креирале песни или химни кои се најважниот државен симбол. Описот на знамето е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот. Значи во законот врз законите“, рече Сиљановска-Давкова.