Херитиџ: Неефикасното судство и надуениот јавен сектор ги ограничуваат економските слободи во С. Македонија


Вкупниот резултат на Индексот за економска слобода на Северна Македонија годинава е 68,6 и е намален за 0,9 поени поради падот на трговските слободи. Сепак, во споредба со земјите од опкружувањето сме најдобро рангирани, на 46. место, дури и пред Словенија која е на 48 место, Србија на 54, Косово на 58, Хрватска на 79 место… И натаму сме во групата умерено слободни економии

Северна Македонија е рангирана на 46. место според Индексот на економски слободи за 2021 година на Херитиџ фондацијата, објавен во четвртокот, на кој и натаму е во групата умерено слободни економии. Вкупниот резултат на Индексот за економска слобода на Северна Македонија годинава е 68,6 и е намален за 0,9 поени во однос на претходниот извештај, пред се поради падот на трговските слободи. Сепак, главните забелешки се однесуваат на неефикасното судство кај нас, гломазниот јавен сектор, корупцијата, големите и неефикасни субвенции и тн. 

Нашата земја е рангирана на 27-то место меѓу 45 земји во регионот на Европа, а нејзиниот вкупен резултат е под регионалниот просек, но над светскиот просек, се вели во делот на извештаот посветен за Македонија.

И покрај влошената оцена, во споредба со земјите од опкружувањето Македонија е најдобро рангирана, дури и пред Словенија, која е на 48 место, Србија на 54, Косово на 58, Хрватска на 79 место, како и Црна Гора која е на 80 и БиХ на 82 место. Од другите наши соседи, Бугарија е на 35 место, Албанија е на 66, а Грција е на 96 место. 

Сингапур на врвот на Индексот

Инаку, според Индексот на Фондациата Херитиџ, годинава најслободна економија во  светот е Сингапур, а покрај неа во групата „економски слободни земји“ со индекс поголем од 80 се и Нов Зеланд, Австралија, Швајцарија и Ирска. 

Економските слободи се подобрени во 89 од 178 оценети земји, влошени се во 80 држави, а кај девет земји состојбата со економските слободи била без промена, се вели во извештајот. 

„За да се сврти курсот кон поголема економска слобода, првиот приоритет на Владата треба да биде реформа на судството, на скапиот и надуен јавен сектор и другите државни институции. Постигнувањето на другата цел, промовирањето на странски директни инвестиции во извозно ориентираните индустрии, ќе биде поттикнато со посилно спроведување на антикорупциските статути“, наведува Фондацијата Херитиџ во делот посветен на Македонија.

Притоа, се дава пресек на влијанието на пандемијата со КОВИД-19 врз животот и врз економијата, како и на причините кои доведоа до предвремени парламентарни избори минатата година, за работењето на техничката влада и формирањето на новата влада предводена од СДСМ. 

„ЕУ е главниот трговски и инвестициски партнер на земјата и нивните економии се испреплетени. Дали договорот за промена на името со Грција во 2019 година соодветно го зачувува единствениот национален, културен и јазичен идентитет на Македонија, останува предмет на контроверзии“, се вели во извештајот.

Владеењето на правото најлошо оценето 

Најлоши се оцените во делот на владење на правото, пред се за судската ефикасност 40,4 поени и интегритетот на владата каде што оцената е 41,9, но уште позагрижувачки е трендот на влошување во овие два сегменти. Во овој дел единствената светла точка се сопственичките права каде оцената е 62,6 и има тренд на побрување.

„Законите ги признаваат и штитат сопственичките права, но нивното спроведување е неконзистентно. Извршувањето на договорите е нерамномерно. Постапките за регистрација на имот се подобрени и речиси сите записи за недвижнини се дигитализирани. Уставот воспостави независно судство, но тоа страда од непотребна контрола на извршната власт, се вели во извештајот при што се додава дека трговските спорови траат долго, а нивното решавање е скапо.

„Корупцијата останува сериозен проблем“, се констатира во извештајот.

Во вториот сегмент – за големина на владата, оцените се поповолни. Најдобро стоиме кај даночното оптоварување каде што индексот е 94,9 и фискалното здравје 87,8 (и во двата елементи се забележува подобрување), а најлоша е оцената за владините трошења – 71, каде што нема промена во однос на претходниот извештај.

Притоа, се вели дека вкупното даночно оптоварување е 17,7 проценти од вкупниот домашен приход, а државната потрошувачка изнесува 31,1 процент од БДП во последните три години, додека буџетскиот дефицит во просек изнесува 2,2 проценти од БДП.

Третиот столб во вкупната оцена на Индексот за економски слободи на Херитиџ се однесува на ефикасноста на регулативата, каде што е и најголемото влошување што го посочува Фондацијата и кое се однесува на трудовите слободи, кои сега се со оцена 65,2. Влошување има и кај бизнис слободите кои сега е со оцена 77,8, додека подобрување има кај монетарните слободи кои се оцена 78,7.

Ваквите оцени се должат на тоа што започнувањето нов бизнис сега чини повеќе, трае подолго и вклучува повеќе процедури, повлекувајќи ја надолу слободата на бизнисот. Реприоритизација на правилата за отпуштања и повторно вработување ја намали слободата на трудот, а странските инвестиции се уште се ниски според европските стандарди.

„Според извештајот на Светска банка за 2019 година, дарежливите владини субвенции ги зголемија буџетските дефицити, а погрешно распределените и изобличени земјоделски субвенции го направија земјоделскиот сектор помалку ефикасен“, нагласуваат од Херитиџ.

Четвртиот дел се однесува на отвореноста на пазарот и тука најдобра е оцената за трговските слободи (77,4), потоа за инвестициската слобода (65,0), а финансиската слобода е оценета со 60,0 поени.

„Северна Македонија има во сила пет преференцијални трговски договори. Просечната тарифна стапка пондерирана според трговијата е 6,3 проценти, а во сила се четири нетарифни мерки. Рационализираната регулаторна рамка ги олеснува инвестициите, но политичката нестабилност сè уште ги намалува поинтензивните приливи на инвестиции. Финансискиот систем продолжува да се развива, а банкарскиот сектор е стабилен. Повеќе од 80 проценти од возрасните имаат сметка во официјална банкарска институција“, се вели во делот за Северна Македонија во Индексот за економски слободи на Фондацијата Херитиџ. (М.Ј.)