„Херц“ нарачал дури 100.000 возила од „Тесла“


Американската компанија за изнајмување автомобили (рента кар) „Херц“ во понеделникот објави дека нарачала 100.000 возила од производителот на автомобили „Тесла“ за испорака до крајот на следната година.
Исто така, објави дека инсталирал илјадници полначи низ својата мрежа. Клиентите на „Херц“ кои ќе изнајмат „Тесла Модел 3“ ќе имаат пристап до 3.000 станици за полнење на „Тесла“ низ САД и Европа.

Почетната цена на најевтиниот „Тесла“ седан модел 3 е околу 44.000 долари, што значи дека ова е најголемата нарачка на „Тесла“, со оглед на тоа што неговата вредност достигнува околу 4,4 милијарди долари.

„Електричните возила сега се мејнстрим и само што почнавме да забележуваме растечка глобална побарувачка и интерес“, рече привремениот извршен директор „Херц“, Марк Филдс.

Американскиот претседател Џо Бајден ја постави поддршката за воведувањето електрични возила како приоритет во борбата против климатските промени, но недостатокот на мрежна инфраструктура за станици за полнење може да остане клучна пречка за неговиот амбициозен план.

Ваков потег во насока на пренасочување на возниот парк кон електрични возила најави една од најпознатите светски компании за изнајмување автомобили само неколку месеци откако банкротираше, потсетува Ројтерс.

„Херц“ поднесе барање за заштита од стечај пред судот минатата година, бидејќи побарувачката за патување пропадна среде пандемија, а преговорите со доверителите не донесоа олеснување. Тој беше спасен од група инвеститори, вклучително и „Најтхед Капитал Менаџмент“, „Сертарес Опортјунитис“ и „Аполо Капитал Менаџмент“.