Хепар Центар Битола: Минатата година набавена современа терапија за рак на црниот дроб


Минатата година направен е значаен исчекор во превенцијата, дијагностиката и лекувањето на ракот на црниот дроб, истакнува по повод Светскиот ден за борба против ракот, 4 Февруари, Координативното тело за борба против хепатоцелуларниот карцином кое го води Клиниката за гастроентерохепатологија во соработка со клиниките за радиотерапија и онкологија, инфективни болести и фебрилни состојби, дигестивна хирургија, Хепар Центар Битола, ГОБ  „8 Септември” и Министерството за здравство.

За прв пат беше лансирана Национална декларација за борба против рак како дел од европскиот план за борба против ракот, со посебен осврт на ракот на црниот дроб и потребата од персонализирана медицина за негова превенција, дијагноза и третман во нашата земја. Од декларацијата произлегоа голем број на цели и започна нивната реализација, во рамките на што се обезбеди мултидисциплинарен пристап во превенција, дијагностика и лекување на ракот на црниот дроб. Голема придобивка е и набавката на современа терапија за лекување на хепатитис Ц, како и набавка на современа терапија за третман на рак на црниот дроб. Исто така, се имплементираа и најсовремени дијагностички мерки за рана детекција на рак на црниот дроб, соопштија од Хепар Центар Битола.

Оваа година активностите на Координативното тело, како што се посочува, се насочени и кон тоа за прв пат црнодробниот карцином да се вклучи во програмата за рана детекција на малигни заболувања во нашата земја, која треба да стартува со поддршка на Министерството за здравство, канцеларијата на СЗО во Скопје и ЕЛПА.

Националната декларација за борба против рак на црниот дроб ја повикува Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, општините и сите засегнати страни да развијат целосно финансирана национална програма, која ќе се спроведува преку партнерства меѓу сите релевантни субјекти и засегнати страни, како во здравствениот, така и во поширокиот социјален контекст. Реализацијата на националниот план треба да се одвива во четири клучни акциони области: превенција, рано откривање, дијагноза и третман и квалитет на живот на пациентите со рак на црниот дроб, информираат од од Хепар Центар Битола.

Во последниве пет години на Клиниката за гастроентерохепатологија дијагностицирани се 355 пациенти со рак на црн дроб. Повеќе од 830.000 луѓе починаа од рак на црн дроб во 2020 година, со што ракот на црниот дроб е третата најчеста причина за смрт од рак на глобално ниво. Во СЗО Европа во 2020 година има 98787 лица кој биле дијагностицирани со карцином на црн дроб и 89130 луѓе починале од рак на црн дроб, што по инциденца ја става Европа на второ место во светот после Азија.