Хелсиншкиот комитет бара јасна осуда за исвиркувањето на македонскиот јазик


Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост констатира дека државната прослава на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор во организација на Владата  наместо да има обединувачки карактер, беше уште еден повод за ширење омраза и меѓуетничка нетрпеливост.

-Најавата на водителката на македонски јазик, која беше исвиркана од страна на присутните, директно се коси со идејата за мултикултурен фестивал и предизвикува омраза меѓу етничките заедници во државата. Уште повеќе загрижува отсуството на осуда од страна на Владата, кое дополнително влијае на поларизацијата во општеството.

Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчест основ за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа сметаме дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури,  особено во ситуација кога другите механизми за справување со овој феномен се практично нефункционални.

Без јасна и недвосмислена осуда на лицата кои што ги разгоруваат меѓуетничките односи, несомнено се обесмислува и прославата за Охридскиот договор, во чиј дух е содржан соживотот, мирот и инклузивноста во општеството. Политичарите не смеат да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така и самите придонесуваат во потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација. Хелсиншкиот комитет уште еднаш ја повикува Владата да ги осуди изливите на омраза и суштински да се посвети на социјалната кохезија во државата, оценува Хелсиншкиот комитет.

Од Владата инаку, излегоа некои изјави со кои само се релативизираше настанот, но она што падна во очи дека на оваа тема упорно молчат од ДУИ иако беа организатори на настанот. Испаѓа дека во ДУИ се плашат да  не загубат некој политички поен ако ги осудат тие што свиркаа на настанот и не се подготвени да го бранат тоа за што реторички се залагаат.