Хедли фонд за културно наследство отворен за македонски институции од културата

Хедли фонд за културно наследство во Југоисточна Европа објави повик за непрофитни организации и јавни институции музеи, библиотеки, архиви и галерии, за поддршка на проекти насочени кон зачувување, промоција и одржливо користење на културното наследство.
Покрај македонските, право на аплицирање имаат организации и институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија, изјави за МИА, д-р Ирена Ружин, вработена во НУ Завод и Музеј-Битола.
– Хедли фондот за културно наследство во Југоисточна Европа е посветен на зајакнување на организациите кои работат во областа на културното наследство. Целта е да се обезбеди наследството да остане жив и динамичен дел од заедниците, поттикнувајќи иновации, одржливост и регионална соработка. Во таа смисла, Фондот поддржува регионална соработка, ангажирање на заедницата и одржливо управување со културното наследство, поврзувајќи ги традиционалните знаења и вештини со современите технологии. Финансирањето е наменето за проекти што нудат иновативни пристапи за заштита на наследството и активно ги вклучуваат локалните заедници. Особено се ценат проекти што поттикнуваат регионална соработка и долгорочни подобрувања во секторот на културното наследство, истакна Ружин.
Фондот поддржува мали проекти до 5.000 евра и поголеми иницијативи до 10.000 евра. Вкупниот буџет за овој повик изнесува 66.000 евра, а сите избрани проекти треба да започнат со реализација во 2025 година. Рокот за аплицирање е 9 мај 2025 година.