Харадинај сигурен за либерализацијата, им честита на граѓаните на Косово
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска им честиташе на граѓаните на Косово за скорешната либерализација на визниот режим, со оглед дека, како што рече, добил цврсти гаранции од Германија дека Шенген-визите за граѓаните на Косово ќе се укинат, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната седница на Владата, Харадинај им изјави на новинарите дека на самитот на лидерите од Западен Балкан, што во понеделникот се одржа во Берлин, добил едно „решително ‘да’ за либерализација веднаш“ од страна на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Сехофер.
– Тоа не е едно „да“ кое произлегува од анализи или мислења, туку е „да“ кое доаѓа од човек кој зборува во името на Германија, од министерот за внатрешни работи. Решително „да“ за либерализација веднаш – тоа е ставот на Германија, изјави косовскиот премиер.
Тој информира дека Сехофер побарал од Приштина во најкраток рок да именува лица кои ќе бидат одговорни за „хармонизација на техничката страна на либерализацијата, со цел, кога ќе се донесе одлуката во Советот на Европа, да не се губи време на нејзино спроведување“.
– Со ова јас можам да му кажам на Косово: Честитки за либерализацијата! Кога му реков на Косово честитки за војската, многумина имаа дилеми, прашуваа дали е можно да се оствари тоа. Меѓутоа, со тоа што излезе да не пречека државниот секретар (за одбрана на САД, Џејмс) Матис пред Пентагон, се знаеше дека војската ќе ја биде, изјави Харадинај, изразувајќи уверување дека „нема да биде погрешно разбрана симболиката“ на оваа негова споредба.
Владата на Косово на денешната седница формира работна група за соработка со германското Министерство за внатрешни работи за хармонизација на активностите за укинување на Шенген-визите за граѓаните на Косово.