Харадинај: Постојат сомневања дека Рама, Тачи и Вучиќ договарале поделба на Косово
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека постојат основани сомневања дека албанскиот премиер Еди Рама и претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, правеле планови за поделба на Косово.
Харадинај на трибината на Демократската иницијатива на Косово (КДИ) на тема „Дијалогот Косово-Србија по Берлинскиот самит“, рече дека е многу веројатно оти разговорите на таа тема меѓу Рама, Тачи и Вучиќ ги водела шефицата на дипломатијата на Европската Унија (ЕУ), Федерика Могерини.
– Тие треба да им побараат извинување на своите народи и на даночните обврзници на ЕУ затоа што потрошија цела година на таа идеја. Оваа работа можеше да заврши многу лошо, порача косовскиот премиер.
Според Харадинај, тие што се залагаат за промени на границите сакаат да предизвикаат војна, меѓутоа на самитот на лидерите на Западен Балкан, што на 29 април се одржа во Берлин, темата на корекции на границите беше затворена.
– Секој што тврди дека со корекција на границите се постигнува мир, има за цел да предизвика војна. Тие сакаат да создадат нестабилност и добро е што оваа тема се затвори во Берлин, наведе косовскиот премиер.
Во врска со односите со Србија, Харадинај рече дека Приштина нема да воведува нови санкции, но ги оцени како погрешни и позициите на оние кои бараат укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина како услов за продолжување на дијалогот со Белград.
– Погрешна е позицијата на Европејците, на Американците, на Берлин, на Франција и на сите кои го поддржуваат условот на Србите да се укине таксата за да се продолжи дијалогот, истакна Харадинај нагласувајќи дека Косово не поставува услови и целта му е постигнување конечен мировен договор.
Швајцарскиот амбасадор во Косово Жан Ибер Лебет рече дека Берлинскиот самит потврди оти промена на границите не е решение за проблемите во регионот.
– Промената на границите не функционира и не функционирала никогаш и Берлинскиот самит не поддржа такво нешто. Доколку ги поместите границите нема да решите ништо. На Балканот доколку ги допрете границите влегувате во незгоди. Се надеваме дека ова ќе се отфрли засекогаш, рече Лебет.