Харадинај негира дека им е забранет влез на српски функционери во Косово
Кабинетот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска демантира дека Владата на Косово донела одлука да им го забрани влезот во земјата на официјалните претставници на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата следува еден ден откако шефот на кабинетот на министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај објави дека Приштина им забрани влез во Косово на сите српски функционери.
Портпаролката на кабинетот на премиерот Харадинај, Донјета Гаши денеска за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави кратко дека „Владата на Косово не донела таква одлука“.
И српската државна телевизија РТС денеска објави изјава на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, која кажа дека на Самитот на земјите од Западен Балкан во полскиот град Познањ нејзиниот косовски колега Харадинај и рекол дека одлуката за забрана за претставниците на Белград да влезат во Косово е „лажна вест“.
– Мене ме чуди како лажните вести во Приштина ги шират советниците на таканареченото Министерство за надворешни работи, изјави Брнабиќ.
Од друга страна, Зиберај и денеска остана на своето тврдење дека одлуката е донесена и дека не се работи за лажна вест.
– Одлуката за недозволување влез на српските официјални претставници во Косово, се додека тие провоцираат тензии и продолжуваат со хибридната пропаганда и кампања против нашата земја, е согласно политиката на Владата, која се спроведува од воведувањето на трговската такса против Србија, како национална одлука за заштита на интересите и националната безбедност на Косово и за спречување на натамошни агресивни дејности на Србија против Косово, изјави Зиберај за РСЕ.
Тој ѝ порача на српската премиерка Брнабиќ дека е персона нон грата и рече дека забраната ќе се укине „во моментот кога Србија ќе се повлече од инсценирањето тенизии во Косово“.
– Агресивното однесување на Србија, со инсценирање на таканаречената хуманитарна криза (во местата со мнозинско српско население во северно Косово), со апсењето на косовски граѓани, со противење кон Косово во меѓународни рамки и со водењето кампања на лажна пропаганда против Косово, каква што не е видена досега, мора да престане, изјави Зиберај.
Тој додаде дека „во моментот кога ќе се создадат услови и кога Србија ќе се повлече од инсценираните тензии во Косово, одлукате ќе биде укината“.
– Топката е на страната на Србија за да се однесува како конструктивен сосед. Шовинизмот во изјавите на Брнабиќ веќе му е познат на цел свет. Таа е персона нон грата во Косово, порача Зиберај.
Во врска со последните случувања вчера се огласи и портпаролката на Европската унија (ЕУ), Маја Коцијанчич, која порача дека Брисел очекува од двете страни да ги почитуваат веќе потпишаните спогодби, вклучително и онаа за посетите на официјалните лица.
Коцијанчич истакна дека ЕУ е во контакт со двете страни, со Приштина и со Белград, во врска со наводната одлука на косовското МНР.