Хан во среда ќе го претстави новиот Пакет за проширување


Надворешнополитичкиот одбор на Европскиот парламент потврди дека во среда на 29 мај ќе се одржи вонреден состанок на кој еврокомесарот Јоханес Хан ќе го  претстави овогодишниот Пакет за проширување.

Во исто време во Европската комисија велат дека се уште не можат официјално да потврдат кога ќе бидат усвоени и објавени извештаите за напредокот на земјите во процесот на проширување, јави Танјуг.

Откако Хан во среда пред пратениците во Надворешнополитичкиот одбор ќе го претстави овогодишниот Пакет за проширување, тој би требало да го претстави и пред медиумите во Европската комисија.

Се работи за најзначајниот документ за земјите во процесот на доближување кон ЕУ во кој Европската комисија го оценува напредокот, но и недостатоците на евроинтеграцискиот пат на сите шест партнери од Западен Балкан и Турција.

Врз основа на тој документ, Европскиот парламент ги усвојува своите резолуции за земјите од Западен Балкан, а земјите членки одлучуваат за понатамошни чекори во евроинтеграцискиот процес на тие земји.

Првпат годинава ниту два дена пред објавувањето на Пакетот, од Европската комисија нема официјална потврда дека тој ќе биде претставен. Првпат годинава комесарот за пристапни преговори не одговори на барањата на регионалните медиуми во врска со Пакетот за проширување да даде коментар за ситуацијата во секоја од земјите покриени со извештајот, потсетува Танјуг.

Во исто време, првпат ниту земјите членки на ЕУ ниту медиумите во Брисел немаат увид во основните оценки во извештајот. Светските агенции коментираат дека никогаш досега претставувањето на Пакетот за проширување не било вака невообичаено неизвесно до последен момент.

Останува да се види дали се работи за технички или суштински проблеми, заклучува Танјуг.